Лековите за февруари ќе доцнат најмалку една недела
Аптеките допрва прават нарачки според новиот тендер
Јасмина Јовановска
Февруарската пратка фондовски лекови, како што дознаваме, ќе доцни најмалку една недела. Лековите на рецепт во аптеките обично пристигнуваат на први во месецот. Како што се одвиваат сега подготовките околу новата пратка, дистрибуцијата на фондовските препарати, веројатно, ќе почне дури по 5 февруари, а додека да пристигне целата палета ќе требаат најмалку десетина дена.
Така велат во аптеките кои издаваат фондовски лекови, од каде што објаснуваат дека причината за доцнењето на месечната пратка е што Фондот за здравствено осигурување деновиве ги известил дека ќе мора да нарачува лекови од новиот тендер.
За неполн месец ова ќе биде втор поголем недостиг на фондовски лекови, на што реагираат пациентите и велат дека ако од денеска не почне да пристигнуваат фондовските препарати, тие повторно ќе бидат принудени да ги купуваат лековите. Некои од пациентите дури се и исплашени дека ќе останат без терапија, посебно за оние лекови кои ги нема да се купат ни за пари. Тој проблем се појави по воведувањето на единствените цени на лековите.
Од Фондот за здравствено осигурување потврдуваат дека фондовската палета малку ќе доцни и уверуваат дека од идната недела ќе почне дистрибуцијата на лековите, но не знаат точно кога.
Аптекарите укажуваат дека проблемот е во тоа што тие веќе направиле нарачки за февруари според стариот тендер. Сега, сите аптеките треба да прават нови нарачки за лекови и да ги достават и до Фондот за здравствено осигурување на контрола, но и до дистрибутерите, што секако повлекува време.
Новите нарачки, како што дознаваме, се' уште не се сите пристигнати во Фондот. Работата дополнително се развлекла и со тоа што аптеките пред два дена ги потпишале договорите за соработка со Фондот и за добивање на годишните квоти.
Без овие квоти, велат во аптеките, не можат да прават нарачки, зашто не знаат со колку средства располагаат.
Со новиот тендер, велат во Фондот, цените на лековите ќе паднат за 25 до 30 отсто. Ова било и мотивот што поскоро да заживее тендерот и да направат напори во февруари да се испорачаат новите лекови, макар испораката да доцни некој ден.
Во Фондот ќе работат и за викендот за да може да стасаат да ги примат нарачките и да им се издадат банедролите на веледрогериите. |