ТВ фотелја
Реклама за вести
РОБЕРТ Д. КРСТЕВСКИ
Во последно време кај нас во мода е рекламирањето телевизиски вести. Телма и Алсат, на пример, за таа цел ги користат билбордите, но и весниците. Првите во овие комерцијални огласи тврдат дека „знаат“ и оти кај нив се' е „проверено“. Вторите, пак, акцентот го ставаат на двојазичноста, односно на фактот дека се единствена ТВ-куќа во Македонија што идентични информативни блокови емитува и на македонски и на албански јазик.
Не навлегувајќи во квалитетот на нивниот „Дневник“, со кој сакаат да го свртат вниманието на гледачите, но не е баш вообичаено телевизиски станици што не се специјализирани исклучиво за вести да си го фалат токму тој сегмент од својата програмска понуда. Тоа би се очекувало, да речеме, од Си-Ен-Ен, кој речиси ништо друго и не емитува освен информативни содржини во најразлични варијации.
Од друга страна, ставањето акцент на вестите со нивното огласување во друг медиум или на рекламно пано може да наведе на непосакувана аналогија според која останатиот дел од сопствената понуда не е многу за фалење или, во најмала рака, не е на нивото на информативниот. Генерално земено, пак, злобниците ваквиот маркетиншки потег би го протолкувале како обид да се надмине евентуално детектираното незадоволително ниво на гледаност.
Не е нова практика средствата за јавно информирање едни кај други да им даваат гласност на проектите по кои се препознатливи, односно различни од конкуренцијата. Најчесто станува збор за популарни емисии од забавен карактер, сеедно дали од домашно или од странско производство, односно содржини со кои конкретен медиум сака да изгради свој имиџ кај публиката, за која сите заедно немилосрдно се борат на пазарот. Во таа смисла, дискутабилно е колку еден класично поставен електронски медиум, кој претендира на својата фреквенција да ја опфати и економијата, културата, спортот, може да се издвои од слично конципираните ривали во медиумскиот простор со сопствените вести, нешто што го нудат и другите.
Конечно, ако нешто го има и повеќе од доволно на македонскиве телевизии, тоа сигурно се вестите. Кога ќе заредат едноподруго, почнувајќи од Канал 5 и Македонска телевизија во 17 ч., преку Сител час подоцна, во меѓувреме Алсат и Телма, па А1 од 19 ч. итн., неодминлив е впечатокот како ништо друго и да нема на телевизија.
Им завидувам на тие што можат да издржат без да се информираат за најновите настани преку малиот екран. Привилегирани се тие земји во кои вестите почнуваат со, за нас, тривијални дилеми од типот дали кравите да се молзат рачно или со електрични стимулатори, бидејќи кај нив ништо посебно не се ни случило тој ден. Камо среќа што почесто да се „репризира“ минатата сабота, кога ударна вест на нашиве ТВ-станици беше оштетувањето на лентата за пренос на јаглен од „Суводол“ до РЕК „Битола“, нешто што толку често почна да се случува што е прашање дали може да се нарече вест, а од светот - загриженоста на САД за тоа каде ќе падне нивниот шпионски сателит со големина на автобус. Подобро тоа отколку некоја човечка трагедија или природна катастрофа, од кои веќе се нема дерман кога ќе се вклучи телевизискиот приемник.
|