Пушачите со текст и слика ќе се одвраќаат од цигари
На секоја кутија освен писмена порака, ќе има и страшна слика со оштетени бели дробови
Александрија Стевковска
Тутунските комбинати изгубија милионски суми поради веќе завршените подготовки за ставање писмено предупредување на кутиите цигари дека пушењето е штетно за здравјето, а Владата во последен момент ја дополни својата одлука со задолжително лепење и слики. Владината Предлог-одлука содржи иницијатива на секоја кутија, покрај писмено предупредување за штетноста на пушењето, да има и застрашувачки слика со оштетени бели дробови и пожолтени и уништени заби, што од своја страна претходните подготовки на комбинатите за обележување ги направи неупотребливи. Луѓето вклучени во тутунскиот бизнис велат дека ќе ја применуваат владината иницијатива, која во форма на амандмани на Предлогот за измени на Законот за тутун и тутунски производи влезе во собраниска процедура, но бараат времето за примена да биде одложено и наместо од 1 јануари 2009, да започне една година подоцна, односно од стартот 2010 година.
„Министерството за здравство бара приспособувањето да се случи за една година, но сепак се потребни најмалку две години зашто треба време да се потрошат резервите и да се приспособи процесот за изработка на нови кутии, во согласност со измените“, вели Стојмирка Тасевска од Стопанската комора на Македонија.
Согласно со Законот за тутун и тутунски преработки донесен пред две години на производителите и дистрибутерите им беше наложено дека мораат на кутиите цигари да ставаат предупредување за нивната штетност и им беше оставен преоден период од две години, кој истекува годинава. Заради спроведување на законот беше неопходно донесување правилник со јасна регулатива како ќе се спроведува законот во практика, но наместо нов правилник, Владата во последен момент ја смени својата одлука и реши дека покрај текст, на кутиите мора да има и слики кои ќе посочуваат на штетноста на пушењето. Производителите кои беа при крај со подготовките за ставање текст на кутиите, сега мора одново да прават подготовки за ново обележување, со што товарот од досегашните подготовки ќе падне на нивен грб.
Владата останува на ставот дека, сепак, ќе има слики на кутиите со цигари.Тоа значи дека покрај назнаките дека пушењето е штетно за здравјето, треба да се има и слики од оштетени органи на пушачите.
„Првичната најава беше дека одлуката ќе се спроведува од почетокот на идната година, со што на производителите ќе им биде оставен рок од една година да се приспособат, но времето за примена на одлуката може да биде одложено, доколку производителите не' убедат дека тоа е невозможно да се направи за една година“, вели заменик-министерот за здравство, Владимир Лазаревик.
Овој проект ќе се спроведува со соработка со Министерството за економија и задравство, бидејќи треба да се направи измена и на Законот за тутун и тутунски производи и на Законот за заштита од пушење.
Ставањето слики на кутиите со цигари против пушењето во Европа допрва ќе се воведе, што значи дека Македонија ќе биде меѓу првите што го воведува ова правило. Се очекува од европските земји прва да ги воведе Англија. Во Канада и во Австралија веќе функционираат ваквите правила. Според одговорните, слики треба да има и на домашните и на увозните кутии со цигари. „Ќе се користат наши слики, за што ќе бидат платени авторски права“ најавува Лазаревик.
Според заменик-министерот за здравство многу поважно од обележувањето на цигарите се подготовките за измени во Законот за заштита од пушењето, кои предвидуваат воведување целосна забрана за пушење. Со измените на Законот за заштита од пушење нема да има поделба на пушачки и непушачки зони, туку пушењето ќе се забрани на сите јавни места, како и во ресторани, кафулиња и во другите објекти. Со измените ќе се прецизира која инспекција каде што ќе контролира дали се почитува Законот, а казните ќе се движат до 4.500 евра.
Причина за ваквиот предлог се сознанија дека не се почитува постојниот Закон за заштита од пушење. Проблем во борбата против пушењето е и тоа што не се разграничени ингеренциите на инспекторите.
Неодамна турскиот парламент усвои закон со кој се воведува строга забрана за пушењето на јавни места. Во Германија се забранува пушењето во возовите, јавниот превоз и во сите државни институции, а слични мерки се преземени во Франција и во Словенија.
Борците против пушењето тврдат дека граѓаните на Македонија пушат 11.000 тони цигари годишно. Нивните анализи покажале дека секој граѓанин годишно пуши од 5 до 5,5 килограми цигари што земјата ја вбројува на врвот на листата земји според пушење цигари. Со оглед на тоа што пуши од 30 до 40 проценти од населението, пушачите годишно просечно „дуваат“ по повеќе од 10 килограми. Загрижува податокот дека расте бројот на пушачи-женски лица, бидејќи цигарите во бременоста влијаат на тежината на плодот. Уште поалармантен е податокот што децата почнуваат да користат цигари уште на 10-11 години. |