Надворешната политика без компас
Во МНР сега има повеќе политички кадар о��колку професионален, а место приоритет, има импровизација
Тамара Грнчароска
Македонската надворешна политика нема план во која насока ќе се движи наредните десет години, кои и' се приоритетите и врз таа основа да ги избира кадрите. Без јасно прецизирање на местото на МНР во системот на државата и со маргинализирање на неговата законска улога во водењето и координирањето на надворешната политика, импровизацијата стана нејзино правило, а волунтаризмот систем. Тоа во континуитет ја дерогира вкупната состојба во оваа област, а последниве години е запален и црвен аларм.
Препуштено на влијанијата на политичките партии во изминативе две децении, МНР не успеа да излезе од таа замка и јасно да ја дефинира надворешната политика на земјава. „Ние не знаеме кои ни се приоритетите во идните десет години. Немаме агенда што да правиме, ниту кон кои земји ни се насочени интересите, дали политички, дали економски или воени, според што би требало да се направи план за работа и кадровска екипираност на дипломатските претставништва“, е ставот на стручната јавност во земјава. Според нив, ниту една од политичките партии кои се сменија на власт не се обиде да ја среди состојбата и да ја дефинира надворешната политика и наедно и улогата на Министерството за надворешни работи.
„Единствено ги интересираше кадровската политика т.е. вработувањето на своите кадри во МНР“, велат соговорниците. „Можеби е момент да се каже стоп од сите партии за да се консолидира состојбата, бидејќи во спротивно ќе следува пропаст на македонската дипломатија“, велат добро упатени извори. Според нив, токму поради таквата состојба, оставено е на другите министерства да импровизираат во македонската надворешна политика, што е недозволиво за една сериозна држава.
За спас на македонската дипломатија се предлага нејзино јасно законско дефинирање и прецизирање на четирите основни функци�� на ДКП - претставување на државата, спроведување на надворешната политика, анализирање на состојбите во земјата-домаќин и создавање мрежа на контакти која ќе биде трајна, а не персонализирана. Потребно е да се направи и рангирање на дипломатските претставништва според целите што ги има нашата држава во надворешната политика. Оттаму произлегува дека сите ДКП не може и не треба да бидат исти. Но, исто така, мора да се определат и нашите приоритетите кон одредена држава.
„Доколку се сака да се постигне зголемување на економската соработка со некоја држава, потребно е да се испрати профил на луѓе кој одговара на тоа, кои ја познаваат економската и трговската структура на дадената земја. Во спротивно, не може да очекувате резултати. Тоа важи и за политичкиот интерес на Македонија кон одредена држава“, сметаат нашите извори.
Меѓу другите детали за кои е потребно прецизирање на стандардите е и начинот на избор на кадри во Министерството и нивното оценување. Така како што се прави сега, е спорно. „Ако не постои јасен начин како се прави тоа и не се воспостават стандарди, тогаш се' се остава на субјективните процени на претпоставениот“, велат македонските дипломати.
Обид да се регулираат работите во македонската надворешна политика беше направен со Законот за надворешни работи. Но, токму дефинирањето на тоа што е и како треба да се води надворешната политика него го држеа во фиока со години. Иако не беше совршен тој, конечно, беше усвоен во 2006 година, но неговото стапување во сила беше одложено за 2007 година. „Тоа беше намерно направено. Никој не сакаше Законот да заживее во негово време, бидејќи многу работи беа прецизирани со него“, наведуваат нашите соговорници. Но, актуелната власт која го наследи Законот најде лек за проблемот и експресно изврши измени во делот на водење на надворешната и на кадровската политика. Во вистинска смисла тој практично и не успеа да профункционира и да се видат ефектите од него. Дискреционото право за именување и за назначување луѓе на дипломатски позиции од страна на министерот, кое беше ограничено со Законот, се врати во игра. Сосема е изместен и начинот на напредување на службениците во МНР и во дипломатијата. „Потребни се млади кадри, но ова денес што се прави е надвор од секоја логика“, велат соговорниците. Без постоење на степени во дипломатската кариера дипломатијата ќе се сведе на приучени почетници со високи звања, кои не го познаваат занаетот. Последните примери за експресно напредување на службеници во МНР во дипломатската кариера се примерите на Корнелија Утковска, шеф на Кабинетот на министерот Антонио Милошоски, која е именувана за амбасадор во Берлин, но и на вработените од Одделот за односи со јавноста. Оттаму Елена Димчова, на која МНР и' е прво вработување, пред околу две години е испратена на служба во амбасадата во Париз, додека Петар Чулев, портпаролот на МНР, кој во Министерството дојде пред две и пол години од октомври ќе биде втор човек во амбасадата во Словенија.
„Дипломатот има обврска и задача да оцени една политика и да каже кои се нејзините последици“, велат нашите извори, според кои новите кадри за чиј прием во дипломатијата веќе не постојат никакви критериуми, тешко дека можат да го направат тоа. „Начинот на избор е погрешен, тоа се сфаќа како дадена моќ што никој не може да им ја одземе“, посочуваат нашите извори.
Ваквите нелогични именувања и напредувања, според дипломатите, можат само да им донесат штета на нашата дипломатија и на надворешната политика, бидејќи секоја земја те оценува според тоа какви луѓе те претставуваат во амбасадата. Спорно, според нив, е и тоа што државниот секретар во Министерството е политичка фигура, а не човек од фелата. Денес во Министерството за надворешни работи имате повеќе политички кадар отколку професионален, за што вина сносат сите политички партии. Решението што се наметнува е дека на нашата надворешна политика итно и' е потребен нов закон за кој ќе се согласат сите политички партии, а со кој македонската дипломатија, конечно, ќе стане професионална преку јасно дефинирана законска рамка и стандарди. |