Живот на чинија: Светлана Црнокрак
Обожавам свежи салати со лукче и кромитче
Моделката и косопственичка на модното студио „Црнокрак“, открива дека подготвува брза, свежа и вкусна храна, немрсна и богата со витамини
Катерина Шекеровска
•во лето одбегнувам да јадам месо и леб
•идеја за брз летен ручек: турли-тава
•наздравувам со чаша добро црно вино
ИСХРАНА ВО ЛЕТО. „Се разликува само количински од она што го консумирам во зима. Во суштина, консумирам речиси иста храна и во лето и во зима, значи без многу маснотии, а повеќе овошје и зеленчук. Разликата е во тоа што во лето поради високите температури, апетитот е намален и повеќе е сведен на течности“.
НАУТРО... „Денот секогаш го започнувам со чаша вода на гладно, потоа продолжувам со овошје и некаде по еден час, по овошјето го земам и првиот оброк“.
ЗДРАВА ИСХРАНА. „Секогаш внимавам изборот на продуктите да е здрав. Тоа ми е навика и секојдневје. Јас, Мики и Моника сме навикнати на таков режим на исхрана, така што и дома кога готвам, секогаш храната е здрава и свежа. Е сега, некогаш правиме исклучоци, кога сме на некои специјални ручеци или вечери, па каснуваме и нешто покалорично“.
ЗЕЛЕНИ ПАЗАРИ. „Редовно ги посетувам, бидејќи сме зависници од зеленчук и од овошје и тоа задолжително е застапено кај нас дома. А најсвежото го има на зелените пазари, каде што купуваме, без разлика дали јас или Мики, оној што се наоѓа најблиску до пазарот...“
ОМИЛЕНА КУЈНА. „Израснав во руската кујна на мајка ми и секако ја обожувам и македонската кујна“.
ВО ЛЕТО... „Најчесто одбегнувам да јадам месо и леб“.
ОМИЛЕНО ЈАДЕЊЕ. „Турли-тава, ајвар, пинџур ... Со убаво сиренце...“
ВО КУЈНА... „ Секогаш подготвувам брза, свежа и вкусна храна, немрсна и богата со витамини. А сите рецепти што ги наследив од мајка ми и од свекрва ми си ги чувам за тогаш кога ќе остарам и кога ќе имам повеќе време да поминувам во кујната...
НА РАБОТА... За среќа, не размислувам многу за исхраната додека сум на работа. За тоа се грижат нашите пријатели од ресторанот „Дивино“.
САЛАТИ. „Ги обожувам сите свежи салати, а најмногу оние што во себе содржат лукче и кромитче, како, на пример, таратур, ама тоа го јадам само тогаш кога Мики е на патување...“
ПИЈАЛАЦИ. „Мора да признам дека со тешкотии го навикнав организмот да консумирам што повеќе течности, особено вода, бидејќи навистина немав навика, и едноставно заборавав. Овие неколку години редовно пијам вода најмалку по два литра на ден. A што се однесува до наздравувањето, тоа го практикувам со чаша добро црно вино. Коктели не преферирам“.
ЦЕДЕНИ СОКОВИ ИЛИ КУПЕНИ ВАРИЈАНТИ? „И двете, иако поздрави се природно цедените, но кога нема, добри се и купените“.
ОМИЛЕНО СЕЗОНСКО ОВОШЈЕ И ЗЕЛЕНЧУК. „Јагодите, дињата и лубеницата. А од зеленчукот, буквално се'“.
ОВОШНА САЛАТА ИЛИ КУП ОД СЛАДОЛЕД? „И двете, бидејќи сум зависник од се' што е слатко, па не ми пречи ниту едното од нив“.
БРЗ ЛЕТЕН РУЧЕК... „Турли-тава. Се' што е свеж зеленчук ставен во едно и задолжително лукче“.
|