Музика: Еминем
Ѕвездена рехабилитација
Еминем со својот нов дискографски обид е далеку позрел, почист и веќе има 37 години кои му даваат нова дистанца на гледање на работите
Александар Митевски
Белиот и контроверзен рапер беше вистинска иницијална каписла, која го запали огнот и отвори пат за многумина бели изведувачи од Европа што ја чекаа таквата шанса. Ако пред него со потсмев се гледаше на, условно кажано, белите рапери кои рапуваат на улица, Еминем го врами тој имиџ во златна рамка и дури од црните гета добиваше признанија за своето рап дејствување, стил и движење кое го иницираше. Верувале или не, тој со голема леснотија успеа да стигне до врвот (повторно ќе кажеме, како бел изведувач) на популарната американска Билборд топ-листа со хитот Love the Way You Lie, успех кој на многумина може да им се гледа само како убава научна фантастика. Оваа негова соработка на голема врата со ултимативната млада ѕвезда Ријана, според познавачите на рап-музиката, го одвлечка кон поп и комерцијален рап, но многумина мислат дека токму овој пресврт е смислено планиран од страна на контроверзниот рап-повратник.
Тој зад себе уживаше во поддршката на инспиративните битови на својот студиски ментор Доктор Дре, со кого создаваа вистинска рап-алхемија која публиката ја голташе. Острината на неговото перо и начинот на негово кажување на работите го направи еден од најценетите урбани рап-поети на своето време, па дури во една пригода кантавторот Тери Ли Хејл му го препиша ѕвездениот епитет – американски Шекспир на 21 век. Во годините на неговото пропаѓање, тонење, бевме сведоци на објавувањето на Енцоре со кој тој се најде во небрано, изненаден од новиот поп-свет и редефинирањето на музичката сегашност во која не можеше да се приспособи. Тој тренд го продолжи со Релапсе каде што тотално се оддели од стварноста и под дејство на наркотици (од кои рака на срце тогаш почна и да се симнува) даде една искривена музичка слика што фановите не ја очекуваа од него. Дури и тој самиот сега вели дека се срами од тие албуми и не ги смета за свој дискографски континуитет и посакува и публиката да не ги зема предвид во глобалната слика за него.
Сепак, светла страна во животот на Еминем претставува неговата конечна рехабилитација од дрогите и од алкохолот и албумот Recovery, кој царува на топ-листите низ светот. Тој со својот нов дискографски обид е далеку позрел, почист и веќе има 37 години од животот кои му даваат нова дистанца на гледање на работите. Иако тој пред неколку години најавуваше свое повлекување од естрадата и од светот на шоу-бизнисот, сепак, судбината посака тој да направи пресврт во кариерата и повторно да дојде во друштвото на најпосакуваните. Како што вели и насловот на овој албум, Рехабилитација, конечно, ги дава првите знаци на комплетна свесност и излеченост, а дополнителен факт што говори во таа насока е дека тој во новите песни е сосема брутален кон себе и својот досегашен начин на живот, кој го донесе до амбисот.
Навистина симболична е песната Going Through Changes, во која исемплувал дел од нумерата на својот пријател Ози Озборн, во која внел огромна и видлива количина емоции и, според многумина, тоа е главна песна на албумот во која е соголен до гола кожа, искрен и осамен слично на последните моменти од животот на кралот на рокенролот Елвис. Критичарите, меѓутоа, велат дека иако тој ги има сите потребни координати за да се врати во ѕвездената орбита со овој албум, сепак, според нив, бил погрешен чекор тоа што неговиот студиски ментор го заменил со други соработници, со што атакот на битовите создадени околу него е по малку анемичен и сувопарен на моменти. Останува да видиме што времето ќе каже за новите успеси на белиот рапер и дали ќе ги допре ѕвездените дискографски мигови на Тhe Slim Shady LP и The Marshall Mathers LP, кои со златни букви ќе бидат запишани како лектира на сите идни рапери. Тие ќе останат лектира затоа што како никогаш досега и како никој досега тој таму беше вооружен со лутина и рими, сатира и црн хумор, ги потона границите меѓу реалното и иреалното и ја внесе рап-поезијата на неговото секојдневје во строфите.
Нови музички соработки
Покрај нумерата која не се симнува од радио и од ТВ-екраните, Love the Way You Lie, која ја пее заедно со Ријана (што за многумина е нереален спој, но спој кој донесе многу милиони и гледаност), тој ги има и извонредните нумери како Won't Back Down, која ја рапува со Пинк, No Love
со Лил Вејн и Талкин' Talkin' 2 Myself. Тој гостуваше со својот глас на нумерите на Дрејк (Foreve) и Б.о.Б (Airplanes Part II).
Во неговите нови можни соработки се спомнува Рик Рос, со кој и немаат многу допирни точки, но заедно можат да направат вистински популарна лента. Иако соработувал со повеќе женски интерпретаторски имиња, сепак, тој никогаш немал соработка со некој лут женски МС од типот на Ники Минај. Иако Еминем имаше големи несогласувања и нетрпеливост со познатиот Лудакрис, сепак, и тој е на листата на негови можни соработници кои неговиот менаџмент ги има во својот тефтер во новиот поход кон врвот. Иако популарниот Слим Шејди соработуваше со други јужњаци, како што се Лил Вејн и Ти Ај, не е невозможно да се најде во студио и со лутиот јужњак Лудакрис. Иако поп-принцезата Кејти Пери (која е моментно многу актуелна со соработката со Снуп Дог) е премногу лимонада поп-изведувач за него, сепак, и таа е во идните комбинаторики, а големите познавачи на светскиот шоу-бизнис и можни колаборации не го исклучуваат ниту чудото од дете , Џастин Бајбер, за кој се зборува дека поседува способност да рецитира, да рапува.
Неодамна и откако стариот велшки волк, Том Џонс, успеа да го симне од врвот на албумската листа, многумина прокоментираа дека и тука може да лежи некоја идна соработка. На изненадување на сите, токму стариот Том изјавил дека нема ништо против да сними една нумера со младиот рапер и дека некогаш би сакал да има дует со него. Не се знае реакцијата на Еминем на ваквите изјави и дали е тој лут што Џонс го симна од врвот на топ-листата, но, сепак, искусниот ветеран сосема дипломатски вели дека е одлично што се наоѓа на врвот со еден таков квалитет, како што е Еминем. Том Џонс доколку остане уште на врвот ќе биде рекордер по старост на ѕвезда, која освоила британски број 1 и ќе го урне рекордот на Боб Дилан, кој беше на врвот со 67 за разлика од седумдесеттите на Том Џонс.
Еден од неговите најголеми поддржувачи и пријатели, кои му помогнаа да се фати во костец со дрогата, да го искорени тоа зло и да се рехабилитира, секако, е кантавторот Елтон Џон, кој постојано беше до Еминем во текот на неговата болна рехабилитација. Медиумите велат дека тој се' уште му се јавува телефонски еднаш неделно за да го провери дали навистина се држи настрана од дрогите, а нивното другарство прерасна во големо пријателство уште од 2001 година и нивниот настап на наградите „Греми“. Елтон ја сфаќа приказната на Еминем сосема лично најмногу поради неговата борба со истото зло и проблемот на Елтон со кокаин во 80-тите години. На Еминем му годи поддршката на еден таков пријател, кој буквално поминал се во животот и го почувствувал притисокот на шоу-бизнисот во целост. Овие двајца стари зависници сега и' помагаат на познатата модна креаторка Донатела Верса��е да ја остави дрогата, а познатиот Џорџ Мајкл ја одбил нивната помош и им порачал да си ја гледаат својата работа.
Соработка со Ријана
Иако би рекле дека оваа соработка е случајно настаната, сепак, нема ништо случајно во овој голем маркетиншки трик, кој донесе огромни поени и заработувачка за двајцата изведувачи затоа што песната буквално не се симнува од светските медиуми. Откако раперот од Детриот и' предложил таква соработка на оваа млада 22-годишна поп-икона, таа едноставно немала простор да одбие една ваква понуда. Според Ријана, оваа соработка била толку искрена и автентична, ненашминкана и реална и затоа ги освои симпатиите на светот, сервирајќи им ги двата нивни спротивставени светови во една нумера. Таа има огромни пофални зборови за Еминем и за неа е вистинска чест да соработува со една таква легенда и многу се радува на неговото рехабилитирање и повторно враќање кон ѕвездите. Според неа, тие снимиле вистински длабока песна и интензивна во која не се штеделе и тој нивен спој на чуден начин профункционирал одеднаш и инстинктивно. |