Фестивали
Забава до бесвест
Фестивалџиите од целиот светот секое лето ги окупираат камп-локациите, фаќаат добра сенка и го чекаат стартот на музичката програма Бојан Шашевски
Жешкиот летен бран ги носи луѓето подалеку од својот дом, подалеку од секојдневните работни обврски, па тие бегаат на некоја плажа за да ги брцнат нозете во вода, се качуваат високо на планините или, пак, посетуваат фестивал под отворено небо, истовремено забавувајќи се и полнејќи батерии. Фестивалџиите секое лето ги окупираат камп-локациите, фаќаат добра сенка и го чекаат стартот на музичката програма. Стартот на оваа летна фестивалска сезона веќе започна, па затоа, запознајте се со некои од најголемите балкански, европски, но и светски познати фестивалски авантури.
МАКЕДОНИЈА И БАЛКАН
Ова лето во Македонија низ кампот „Љубаништа“, по пауза од осум години, се одржа нашето најголемо музичко доживување наречено „Аларм за природата“ – тридневен фестивал, кој повторно ги обедини луѓето покрај брегот на Охридското Езеро, давајќи им одлична можност да бидат дел од програмата во која учествуваа над 100 артисти, бендови и диџеи, можност за парципирање на различни претстави и филмски проекции, демонстрации, огнени егзибиции, па следење и на неизбежното Светско фудбалско првенство... Со еколошките активности и презентации, креирањето предмети од рециклиран материјал, отворената дружба, неколку невладини организации ги поттикнаа фестивалџиите да мислат зелено и да дејствуваат зелено, а притоа да ја слават музиката во името на природата. Неколку илјадната публика ја окупираше главната бина, шанковите, ги ладеше нозете на преубавата плажа во подножјето на Галичица, каде што свиреа разни музички имиња од државава „Љубојна“, „Суперхикс“, „Мизар“, „Фолтин“ „Бернаис Пропаганда“, „Смат“, со по некој интересен бенд од Балканот и Европа.. Без поголеми ѕвездени имиња, фестивалот го негуваше и алтернативниот, оној гитарскиот, но и електронскиот психоделичен звук, постојано задололувајќи сечие уво. На транс-стејџот Канаѓанецот Нил Гибсон за прв пат ги претстави во Македонија своите флоуросценти планта, еден интензивен, колоритен празник за очи.
Летово „Денс Дејз“ во Струга ги собра на едно место вљубениците во техно и хаус- звуците, па неуморните клабери беа принудени да дојдат на плажата „Изгрев“ и низ музичката содржина да го слушнат германскиот продуцент Тимо Мас, Израелците „Чаим“, Гај Гербер, Германецот Доминик Елбрг, познатиот српски диџеј-продуцент Марко Настиќ, но и повеќе домашни изведувачи. По една деценија се активираше и „Скопје гори“, па под отворено небо, на скопското Кале вторпат гостуваше култниот бристолски трип-хоп бенд „Масив Атак“. Секако, тука е и традиционалниот прилепски „Пиво фест“, а годинава ваков сличен настан се случува и на најпосетеното езеро, бесплатно збиднување именувано „Охридски фестивал на пивото“, каде што три дена се налева пиво и истовремено се присуствува на музички концерти. Ова лето крај реновираната и специјално декорираната плажа „Парк“ на целовечерниот „Грин бич фестивал“ настапува реномираниот Пол Ван Дајк, настап збогатен со 3-Д анимации во вода.
На Петроварадинската тврдина во Нови Сад, Србија, Балканот живее во боите на „Егзит“, најголемиот и најпосетен фестивал во регионов, а несомнено е дека неговата популарност зема се' поголем замав, па веќе прерасна во едно мултикултурно музичко туристичко збиднување. Основан е пред едно десетлетие од студентите на три различни универзитети како протест, контраудар против владеењето на поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ. Освен светските трендовски имиња, тука доминира електрониката, но вклучени се и други стејџови, кои обезбедуваат повеќе жанровски варијации... Тука доаѓаат и до 200.000 луѓе од Балканот и од Европа, редовно исполнет и со македонски фестивалџии, решени летните пари да ги потрошат на добра музичка забава. Петроварадинската тврдина, која датира од 18 век, изгледа преубаво, а историскиот моментум на местото и текот на Дунав го донесоа на глобалната фестивалска мапа. Како соодветен доказ за тоа, пред некоја година, познатиот канал Си-Ен-Ен го вброи „Егзит“ меѓу десетте најдобри фестивали во светот, оценувајќи и алудирајќи на програмскиот, но и на неговиот организациски дел. Годинешното издание ги донесе „Фејт Ноу Мор“, „Пендулум“, „Миси Ел��от“, „Кемикал брадрс“, „Џош Винк“ итн..
Во јулскиот летен период веќе трета година во Бања Лука се регрутираат млади таленти, млади рок-сили во подем, контрибуирајќи на „Демофест“. Покрај реката Врбас и средновековната тврдина Кастел, низ четиридневното дружење, бендови репрезенти од БиХ, Хрватска, Србија и од Македонија, ја споделуваат визијата за рокот, културата, која вечно го спојува подземјето, бунтовништвото, истовремено сублимирајќи ги општествениот и алтернативниот израз. Освен рокерското лудило, годинешното издание го зачинија настапите на лондонските „Стерео Ем-Сис“, еуфоричното македонско чудо Кирил Џајковски со Рас Твид и „Серџук оркестар“ и музичката фузија на њујорчаните „Фан ловин криминалс“.
Покрај брегот на Црното Море во Бургас, Бугарија, во август повторно ќе продифилираат шарени артисти, на седум шарени сцени и 24-часовна константна програма, имиња како „Продиџи“, „Саундсистем и „Грендмастер флеш“.
Во Хрватска, пак, во Пула, се одржува „Сисплеш“ најголемиот реге-фестивал на Балканот. Неколку стејџови, многу растафаријанци, многу даб, марами, капи, наматки обвиени во боите на Етиопија, пулсирајќи во ритамот на Јамајка.
ЕВРОПА
„Озора“ е психоделичен транс-фестивал, со местоположба во раззеленетата Симонторнија, Унгарија. Ова се денови на неохипичкото движење, номади-трансери, но и денови на лежерните и закоравени слободоумници, допатувани од секое гратче и селце од светот. „Озора“ претставува фестивал на љубовта, заедничкото славење на животот и музиката... Преку заедничката синергија и психоделичната музика, „Озора градот“ дише во еден здив, со едно срце и една мисла – слобода, мир и меѓусебно разбирање.
Од 1971 година, па до денес, фестивалот „Роскилде“, Данска, беше домаќин на легендарни артисти од глобалниот музички свет, од Боб Марли до Боб Дилан. Најголем фестивал во Северна Европа, се одржува во познатата „Арена“, енормен шатор со капацитет од 17.000 луѓе. Тука се издава сопствен фестивалски дневен весник, поддржана 24-часовна радиопрограма во живо, а белег на збиднувањето е „Голата трка“, каде што тркачите како од мајка родени се натпреваруваат за бесплатна влезница за следното издание на фестивалот.
Ако некој паднал од Марс, може ќе биде подобро да го потсетите дека „Гластонбури“ се одржува уште од 1970 година на една млечна фарма во Сомерсет, Англија. Но, своето долгогодишно реноме, но и нивото на програмата е неверојатно – некогаш настапуваат повеќе од 700-1000 изведувачи. Во артистичкото збиднување има и танцови перформанси, театар, циркус, кабаре, уметнички дизајни.. На 40. издание главни натрапници беа „Ју 2“, Стиви Вондер, „Мјуз“, „Рејдиохед“.
АМЕРИКА
Американскиот континент изобилува со атрактивни фестивалски дестинации, секако, за оние што имаат малку подлабок џеб и добра волја за прекуокеански авантури. Во почетокот на летото, „Коачела мјузик фестивал“ ги носи фестивалџиите до малото калифорниско гратче Индио, дел од пустината во Колорадо, каде што веќе една деценија фестивалот нуди широк спектар на музички, но и уметнички возбуди, некогаш и со над 150.000 посетители. Овде поминаа „Ред хот чили пеперс“, Мадона, „Рејџ агенст д машин“, Ману Чао, Бјорк, а годинава Џеј Зи, и „Горилаз“.
Во Тенеси, во близината на познатиот Нешвил, се одржува фестивалот „Бонару“, кој освен по еминентните музички имиња е познат по „немото диско“ – можност секој од присутните да добие пар слушалки и на тој начин да ужива во звуците, без да има забелешки за гласнита музика.
„Лолапалуза“ во Грант паркот во Чикаго носи и по 200.000 посетители – редовна летна викенд-дестинација за алтернативните фрикови, со разновидна содржина на гитарски бендови, оставајќи простор за танцувачки и театарски перформанси, но и добра платформа за непрофитабилни политички групации.
Еден од најголемите рок-хепенинзи под отворено небо се одржува во Богота, Колумбија, секако, најпознат по бесплатните концертни изданија. Јунскиот јужноамерикански „Рок Ал Парк“ обединува и повеќе од 300.000 луѓе од целиот свет, низ програмата се организираат масовни дискусии и семинари за менаџерството, музичката продукција, издавачката индустрија, има предавања од светски познати академици, претставување на традиционалниот фолклор, рачно изработени дизајни, а настаните се пренесуваат во живо на регионалниот канал „Капитал“.
СВЕТ
За оние што навистина сакаат да се разладат и да побегнат од досадната жештина, се препорачува јапонското издание на „Фуџи рок“. Ситуирано по локации низ шумите на скијачкиот центар Наеба, ова се смета за еден од најстудените, најубавите, но и најскапите фестивали под отворено небо. За планинскиот бисер треба да се издвојат повеќе од 400 долари, а освен чистиот воздух, суровата животнорна природа, овде жичарниците и скилифтовите ги носат камперите од сцена на сцена. За годинава, меѓу другите се потврдени „Мјуз“, „Рокси мјузик“, „Атомс фор пис“ и Џон Фоџерти.
Во 2006 година нигерискиот „Дисдеј“ претставуваше импулс на главниот уредник на истоимениот дневник, Ндука Обаигена, обележувајќи го со музичките претстави крајот на 200 години од крајот на ропството. Ова е најголемиот моден музички фестивал на африканска почва, а примарната замисла е да се претстави позитивниот прогрес на земјите од континентот, но и да се изнајдат соодветни решенија за секојдневните општествени проблеми. Тука, претежно, настапуваат афроамерикански популарни имиња, како што се Бијонси, Баста Рајмс, Снуп Дог...
Фестивалот „Вудсток“ во Кејп Таун е уште една африканска авантура, заокружувајќи го оној доцен летен дел, есенски период. Освен „мејснтрим“ иимињата, тука се милува и хип-хоп културата со многу познати, но и неафирмирани групи и артисти. Како составен дел од фестивалот се бојадисувањето на ѕидови, екстремните спортови и големиот пазар за стари автентични предмети и облека. Нималку не личи на култниот американски „Вудсток“, но неговите стандарди се високи и задоволителни за илјадниците присутни фаци.
Со еднодневниот фестивал „Парклајф“ започнува летната австралиска сезона. Иако се одржува на крајот на септември – почетокот на октомври, овде се концентрираат импозантен број музички фанатици, некогаш и повеќе од 100.000, предодредени на танцот и денс-жанрот. Во Сиднеј, Мелбурн, Аделејд и Перт традиционално се одржува и постжурка, наречена „Афтер лајф“. Освен локалните таленти, можат да се видат и звучни интернаци��нални состави. |