22.03.2012, 18:26 „Филип Втори“ ќе добие обиколница
Меѓу стадионот, игралиштата на ФК „Вардар“ и Кинескиот ѕид се гради нова улица
Помошните игралишта зад источната трибина на арената „Филип Втори“ се смалени за некој метар во интерес на изградба на обиколна улица. Општина ��ентар заедно со градските власти и АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор меѓу игралиштата на ФК „Вардар“, Арената и Кинескиот ѕид стартуваа со изведба на обиколни улици кои ќе овозможат соодветен влез за ургентните возила во најголемиот стадион. Инвестицијата вредна 35 милиони денари опфаќа изградба на атмосферска мрежа во должина од 500 метри, коловози со површина со околу 15.000 квадратни метри и 6.000 квадрати тротоари, како и осветлување по должината на улиците.
„Градежните работи околу обиколните улици и нивната инфраструктура беа неопходни бидејќи ќе овозможат полесен пристап за сите возила кои треба да стигнат до стадионот, без оглед дали се работи за амбулантни, пожарни или за возила кои треба да достават одредени материјали. Но, и граѓаните ќе добијат нови пешачки патеки и осветление доколку се решат да се рекреаираат во ноќните часови“, рече на стартот на градежните зафати градоначалникот на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ.
Околу проблемот со паркинг-места за посетителите на арената, освен помали паркиралишта на кејот на Вардар, Тодоровиќ не најави позначителен проект.
„Ниедна фудбалска арена во светот нема обезбедено доволно места за паркирање. Секаде ги има ваквите проблеми кои се решаваат преку јавниот превоз“, додаде Тодоровиќ.
Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, рече дека проектот е од заеднички интерес и е финансиран од трите страни подеднакво, а директорот на станбеното претпријатие, Цветко Грозданов, најави изградба на хостел до улицата, кој ќе располага со сместувачки капацитети.
Инаку, за изведбата на обиколката е задолжена фирмата АД „Гранит“, а зафатот треба да биде готов за три месеци. (Б.Ш.) |