08.08.2012, 17:47 Кој е монахот што му бакна рака на Путин
Пред две години, во посета на Валаамскиот манастир беше и делегација од Македонија
Одлево надесно: д-р Дејан Коруновски, отец Макариј, игумен Методиј, отец Јосиф и Бобан Митевски
Киро Кипроски
Бигорски манастир - Веста и видеозаписот од посетата на рускиот претседател, Владимир Путин, на Спасо-Преображенскиот вааламски манастир, кога игуменот јеромонахот Методиј му ја бакна раката, монашкото братство на Бигорскиот манастир ја прими со воодушевување. Тие го оправдуваат ваквиот чин, бидејќи, како што велат, Руската федерација, моќна држава и членка на Советот за безбедност на ОН, ја призна нашата држава под уставното име - Република Македонија. Како што велат, „нашиот брат го направи тоа со голема почит и чувство за благодарност на македонскиот народ кон рускиот народ“.
„Со Игуменот Методиј лично не се познаваме, но затоа, пак, во последниве неколку години сум имал повеќе телефонски разговори и слободно можам да кажам дека е вистински поданик на верата Христова. За нас Македонците, мошне значајно е тоа што Македонија ја чувствува како своја татковина, никогаш не ја заборави. Посветен е на изградбата и просперитетот на нашата држава, се грижи и е активен во настојувањата нашата МПЦ да ја добие својата заслужена афтокевалност, иако повеќе од 20 години е монах на Руската православна црква. Секогаш, на браќата монаси од Македонија, кои престојувале во Русија, им помагал да ги остварат своите патешествија низ руските манастири и цркви“, со задоволство за јеромонахот Методиј, ни говореше архимандритот Партениј, игумен на Бигорскиот манастир.
Монасите од бигорското братство, отците Макариј и Јосиф, заедно со верн��ците Боган Митевски и д-р Дејан Коруновски, со благослов на бигорскиот старец, игуменот архимандрит Партениј, во 2010 година, ја посетија светата руска земја. Поклониците имаа можност да се поклонат на повеќе православни светињи и светилишта низ Руската федерација: Москва, Петербург, Дивеево, Валаам... Меѓу другото, при посетата на Валаамските манстири, гостите од Македонија беа пречекани од 40-годишниот отец Методиј, скопјанец, кој 20 години е монах во Русија.
„Не само што ни посвети големо внимание како сонародници, туку со вистинско братољубие постојано се грижеше за нас“, зборува монахот Макариј и додава дека отец Методиј има силен углед кај руските верници.
Своето стекнато знаење од областа на градежништвото, отец Методиј го вложил при возобновувањето на велелепните манастири на островот Валаам. Исто така, тој е и директор на православниот културно-просветен центар „Свет Валаам“.
Потегот на македонскиот монах, кој непријатно го изненади самиот Путин и ги преплави интернет-страниците низ светот, предизвика скандал и жестоки полемики дали е вообичаено свештени лица да им бакнуваат рака на обични верници. Свештени лица од МПЦ велат дека не е невообичаено православен свештеник да бакне рака на личност која значи нешто во државата. Објаснуваат дека тоа е исто како кога свештеник бакнува верник во образ. Сепак, признаваат дека тоа не е редовна практика. |