Нови жртви од грип
Вчера почина шеесетгодишна жена. Таа е петта жртва на вирусот
Јасмина Јовановска
Грипот се' повеќе зема данок. Од ова вирусно заболување вчера почина и една шеесетгодишна жена, за која во медицинскиот извештај се вели дека претходно имала и други хронични заболувања. Од што боледувала жената, од Министерството за здравство не откриваат. Таа е петта жртва на грипот. Четири од нив починаа како последица на сезонски грип, а само еден од пандемски, свински грип.
И додека кај средовечната жена причината за смртта се компликации од сезонскиот грип, како и кај првите две починати деца, едно на 8-годишна возраст и едно на 14 години, на 32-годишното момче од Кочани животот му го одзеде вирусот на пандемсикиот, свински грип. Петтиот смртен случај на сезонски грип беше 23-годишна д��војка, која не беше македонски државјанин, и која покрај грипот, имала и дијабетес.
„Од овие пет смртни случаи што официјално се пријавени, еден е докажан АХ1Н1, кај двајца е типот Б. Kај двајца не е изолиран вирус, туку само клинички e докажан грип“, изјави Јованка Костовска од Министерството за здравство.
Се добива впечаток дека годинава вирусот на грип како да коси повеќе здрави лица отколку болни што имале некое хронично заболување. Се отвора сомневање дали биле правилно лекувани или, задоцниле на лекар. Од Инфективната клиника за кочанскиот случај велат дека бил донесен во многу тешка состојба, и тоа откако претходно минал низ две болници, онаа во Кочани, па во Штип, за на крај кога му се влошила состојбата, да биде препратен за Скопје. Дали било изгубено драгоцено време со тоа што момчето се шетало по болници, никој ни од клиниката ни од Комисијата не објаснуваат, туку само дека починало од компликации предизвикани од грипот, односно од масивна бронхопневмонија.
На Инфективната клиника има уште еден случај на грип што се бори за живот и е ставен на апарат за вештачко дишење, а моментално на лекување се уште три потешки случаи на грип. На Клиниката за детски болести амбулантски биле прегледани 8 деца, од кои три се хоспитализирани и таму моментно болнички се лекуваат 13 деца.
Од Институтот за јавно здравје информираат дека досега има докажано вкупно седум лица што заболеле од пандемсикиот грип, а плус три случаи се позитивни на вирус од групата Б. Во земјава се пријавени 6.656 случаи. Според алерт-системот, во последната недела во земјата се регистрирани околу 26.000 заболени со вирусни инфекции на дишните патишта, за разлика од претходните недели кога се пријавуваа по околу 15.000 до 20.000 заболени од вирози.
Епидемиолозите предупредуваат дека бројот на грипозни и натаму ќе расте зашто сега сме средина на ширењето на грипот, а пикот се очекува кон крајот на јануари и во почетокот на февруари. „Грипот се шири со среден интензитет, и не не' очекува некоја поголема епидемиолошка година на грип. Најголем број заболени обично се јавуваат на крај на јануари и во почеток на февруари“, вели еподемиогот д-р Благоја Алексоски од Институтот за јавно здравје. Ова го потврдува и статистиката. „Ако првата недела имаше само 900 случаи на грип, втората недела од јануари имаше 2.000, оваа недела се регистрирани 2.515, што е најмногу од почетокот на сезоната. Следната сигурно ќе има и 3.000 случаи на грип“, прогнозира д-р Алексоски. Тој вели дека неделава иако децата почнаа на училишта, нема некој енормно зголемен број на заболени школски деца, туку и натаму доминираат оние помалите деца до пет години. Кај децата степенот на раширеност на грипот е таков што на 10.000 жители се разболуваат по 88 деца, додека кај децата до 14 години, инциденцата е 65 деца на 10.000 жители. На возраст од 15 до 64 години инциденцата е 25 болни на 10.000 жители и над 65 години, на 10.000 жители се разболуваат по 16 лица од грип.
Најголем број заболени се регистрирани во Скопје ,и тоа 1.201 случај, потоа Битола со 709 случаи, Куманово со 647 случаи, Кавадарци со 591 заболен, Струмица со 583 заразени, па Тетово со 458 заболени, Свети Николе со 391 заболен, Прилеп со 387 случаи и Велес со 347 заболени. Епидемиолозите велат дека основната заштита од грипот и вирусите се општите превентивни мерки, а тие се одржување високо ниво на хигиена, посебно на рацете, а ако некој кива, задолжително да носи шамивче. За училиштата и за градинките, исто така, се препорачува зајакната здравствено-санитарна контрола, да се проветруват почесто просториите и да се пребришуваат работните површини со дезинфекциски средства.
Вакцинацијата и натаму е најдобрата заштита од грип, сметаат епидемиолозите. „Здравите лица се' уште може да се вакцинираат зашто имунитетот против грип се создава за десетина дена, а грипот циркулира до март и април“, вели д-р Алексоски. Тој советува и навремено препознавање на симптомите на грип, односно што е можно порано откривање на болеста за навреме се дејствува и да се лекува.
Разликата меѓу вирозите и грипот е што грипот почнува со висока температура и главоболка, болки во мускулите и во зглобовите, па дури потоа болки во грлото и кашлица. Вирозата, пак, почнува со течење на носот и болки во грлото, па дури потоа температура и други симптоми“, објаснува д-р Алексоски. Кога ќе се забележат ваквите симптоми, секој треба да се јави на лекар, па тој да оцени што треба да прима како лекови. „Да не се земаат антибиотици на своја рака зашто подоцна се јавува резистеност на антобитици“, предупредува д-р Алексоски.
За оние што веќе се разболеле се препорачува да се изолираат во домашни услови и да одлежат најмалку три дена, а притоа да се консумира што повеќе течности, витамини, овошје и зеленчук. (Ј.Ј.)
|