„Тиквеш“ го подмлади изгледот на традиционалните вина
Најпопуларните вина добија нова класик-линија
Менаџерскиот тим на винарската визба „Тиквеш“ со оптимизам најавува значителен раст за годинава. Најголемата македонска винарница „Тиквеш“ деновиве ја претстави „подмладената“ линија на своите квалитетни вина со најголема традиција и воедно најголема продажба. Секогаш популарните „александрија“, „траминец“, „темјаника“, „вранец“ и другите вина од „класик“ линијата добија нов изглед, но ги задржаа стандардниот квалитет и прифатливата цена за сите љубители на виното.
На презентацијата на визуелно-естетските решенија од најновата кампања, која се одржа во објектот на МНТ пред голем број претставници на бизнисот и на јавниот живот во земјава, „Тиквеш“ официјално го претстави новиот лик на својата најстара и истовремено најпозната производствена линија на квалитетни вина, не само на домашниот пазар, туку и на пазарите во регионот.
Во атмосфера што на повеќе начини ги разбранува сетилата на многубројните пријатели и љубители на „класик“, прв пат пред македонската јавност беше претставен видеозаписот со кој се означи и почетокот на новата медиумска кампања. Во линија на приказната „Возбуда за сите сетила“ амбиентот го креираа сите елементи на безвременската класика: црно-бела естетика, звуци на автентична француска шансона, безброј орнаменти и детали. Свој настап имаше и познатата шансонерска атракција, францускиот состав „Наја“. Ексклузивниот настан продолжи и со претставување на најновиот „класик“ календар 2011.
Линијата на квалитетни вина на „Тиквеш“ што ја сочинуваат шест бели вина - „смедеревка“, „траминец“, „темјаника“, „белан“, „шардоне“ и „александрија“, пет црвени - „вранец“, „мерло“, „каберне савињон“ и „александрија“, како и добро познатото „розе“, сега добиваат ново шише, етикета, природни плутени тапи и заштитни капаци...
„Овие вина на ’Тиквеш‘ со децении се произведуваат и се консумираат од страна на голем број љубители на доброто вино и затоа слободно можеме да кажеме дека претставуваат еден вид класика. Затоа, за ’Тиквеш‘ е сосема логично оваа линија на квалитетни вина да го носи името ’Тиквеш класик‘. Но, и покрај сите визуелни промени што настанаа како резултат на потребите на љубителите на доброто вино и желбата за подмладување, нешто заслужува да остане такво какво што сите го паметиме и посакуваме, а тоа е стандардниот квалитет на вината, кој во изминатите години, благодарение на инвестициите на винарницата ’Тиквеш‘ во производството и во обработката на грозјето, континуирано се одржува на највисоко ниво“, изјави Ѓорѓи Петрушев, генерален директор на винарската визба „Тиквеш“.
Линијата „класик“ има и значителна еколошка компонента. Имено, како амбалажа за вината од оваа линија се користат шишиња за 60 грама полесни од претходните. Со оваа промена се намалува количината стакло што се употребува за производство, за околу 200 тони годишно, а со тоа се заштедува енергија и се намалува емисијата на јаглерод двооксид.
Вината од серијата „класик“ остануваат во истиот ценовен ранг како и досега и ќе останат достапни за сите љубители на квалитетни суви, полусуви и полуслатки вина со одличен вкус, контролирано географско потекло и одлична питкост за да ги разбрануваат сетилата во сите можни пригоди и расположенија. |