Број 3492  петок, 28 јануари 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Онлајн вести








Site Meter

Женски муабети

Женска варијанта на Супермен

Каролина Ристова-Астеруд

Координаторка на клубот на жени на СДСМ, става маска само во протоколарни ситуации

Валентина Тодоровска


Нашата соговорничка знае да биде нежна како снегулка, свиткана во женствени марами од свила и тантела. Но, може да носи и панталони со што ќе ве наведе на помислата дека менталните процеси кај неа функционираат со машка логика и подготвеност да одговори на секаква дискусија кога било и каде било. Д-р Каролина Ристова-Астеруд, координаторка на клубот на жените на СДСМ, е вистински мајстор за вербални дуели без ракавици. Блиските велат дека е вредна како пчела, а многумина ги сметаат перфекцијата и анксиозната грижа за сите можни обврски како нејзина н��јважна карактеристика.



И вашите пријатели, ама и луѓето што не ве познаваат ве опишуваат како супержена (нешто како понежна варијанта на Супермен), оптимист доследен во своето видување на светот, весела, љубопитна, смела. Таква сте отсекогаш?

„Дење сум таква каква што велите, а ноќе кога не ме гледате, си се справувам со моите мизерии и тоа во друштво на една-две кутии ’марлборо лајт’, ха, ха, ха... Маски ставам доколку го налага тоа протоколот или ’државниот интерес’. Иако и за тоа стандардот ми е понизок од оној во нашата ’Итар Пејо’ средина. Отворено, информирано и со аргументи фалам и кудам тоа што е за ’кревање на клоца’. Јас сум многу отворен, чесен, директен и гласен противник...Манифестираниот лошотилак, неправедност или непрофесионалност ме вадат од кожа и сметам дека не треба да се тактизира и да се толерира и поради тоа да страдаат други луѓе, средината или државата. Изгледам смело затоа што вложувам многу труд и енергија да бидам најдобра во сето што го работам - фер, праведна и обѕирна. Немам помоќен полицаец од мојата совест, а поседувам и некоја природна ароганција затоа што сум силна за да можам да си дозволам висок степен на искреност, а го имам и чувството на супериорност и речиси религиозна верба дека лошото нема шанси да ме победи на крајот, па и по цена да загубам некои битки во меѓувреме. Затоа и кога се соочувам со нешто тешко, лошо или неправедно, мојов дух не паѓа, а богами станува и вулгарен, и по првиот удар и шок, се прибира и вели - ’фак ју, ти на мене’, ха, ха, ха...“.



Ајде малку да копаме по корените. Раскажете ни нешто за родителите, братот... Чија ќерка е Каролина?

„Кога растевме, татко ми секогаш велеше ’ние нема засекогаш да бидеме со вас да ве обезбедуваме и да ве штитиме, затоа мора да се оспособите за работа и да изборите за се' во животот’ и поразително ми е кога се соочувам со родители, кои наместо да ги тераат своите деца на истото, гледаат да најдат начин како нивното дете да помине со врски. Во политиката често ми се случувало да ме дискфалификуваат не поради моите аргументи за некое прашање, туку да ме навредат по линија на моите родители, особено поради татко ми, демек, ’знаеме чија ќерка си, на комуњар’. Е, па еве, првпат ќе елаборирам чија ќерка сум...Татко ми е дете - сираче на паднат партизан, кој загинал во Народноослободителната војна против нацизмот и фашизмот во 1945 год., кој никогаш немал шанса да го запознае својот татко и кој половина од животот го бараше по заедничките гробници од паднатите борци на Сремски фронт. Тој е школуван од страна на државата, завршил Филозофски факултет во Белград и со нагласено чувство за долг кон татковината. Поголем дел од кариерата бил во МВР. Независно од сите грешки на тој историски период и погрешна ’комуњарска’ идеологија, голем дел од тие ’комуњари’ биле инспирирани и мотивирани на волонтерски акции да ја градат Македонија, нејзините патишта, мостови, болници..., да се школуваат за да ги оспособат нејзините државни институции. Мајка ми е потомка на семејства што дале и комити, и симпатизери, и помагачи на партизаните. За неа многу повеќе можете да кажете дека е супержена, иако тоа во суштина не е идеал, туку нефер модел за поголема оптовареност на жената во едно се' уште патријахално општество. Како и многумина од нејзината генерација, се омажила млада, до крај на факултетот родила две деца, завршила Правен факултет со книгата во едната рака и со мене во другата, потоа положила правосуден испит и со 25 години била избрана за судијка во судот во Радовиш. Кога бев бруцошка, магистрираше, а лани на 60 години докторираше на проблематика од голем и актуелен интерес за македонското (право)судство, имено, за судиската одговорност“.



Колку семејството е важна, можеби најважна алка во животот на сите нас? Да бидеме подобри луѓе. Кога и како се собирате, што значи за Вас, на пример, заеднички ручек?

„Семејните ручеци се нешто на што најмногу инсистира мајка ми, а како старее, богами, и татко ми, особено откако почнаа нагласено да страдаат од т.н синдром на „празно гнездо“. Претходно тоа повеќе беше во оние традиционални пригоди (родендени, Велигден и сл.), а сега се случува почесто во неделите и во летниот период кога моите, практично, се преселени во куќата во Соње и ние со брат ми одиме да се спасиме од скопските горештини, да уживаме макар и на час-два во зеленилото, погледот кон планините и дворот со цвеќињата. Јас не утнувам во мај-јуни кога цутат и зреат црешите, тогаш ми е најубаво. На времето татко ��и ми направи и лулка од мрежа за да ме намамува и сум знаела со саати да се лулам и да зјапам во дрвата што се нишаат на убавото сино небо. Таму сум ги спремала и најтешките испити. Мислам дека семејството е важен дел од нашите животи, без оглед дали е конвенционално или не, важно е да го имате како потпора во животот. Но, истовремено не мислам и дека треба да му робувате по секоја цена, не треба да биде притисок со некакви калупи и никако на штета на индивидуалноста. Како и во се', треба рамнотежа“.



Што е со старите пријателства, имате ли долг стаж во постојана комуникација? Кои се вашите луѓе, како го чувате чувството на припаѓање?

„Старите пријателства се од основно и од средно училиште, понекои и од студентските денови и функционираат по онаа познатата убава мисла дека тие се како ѕвездите - и кога не ги гледаш, тие се со тебе. Во последната декада на триесетката поретко се гледавме, најверојатно, затоа што сите бркавме станбени прашања, кариери, бизниси, растеме деца, ама сега привршуваме со тој процес, па може пак ќе му се вратиме на животот од времето на дваесетката. Кога во декември ја бранев докторска дисертација, две мои стари и многу блиски другарки, едната буквално од клупата од прво одделение, заедно баталија се за тој ден и дојдоа да ме бодрат, а и двете се со сериозни професионални ангажмани и кариери.. Не можам да ви го опишам чувството на смирување и силата што ја добив кога ги видов во салата“.

Изгледате убаво. Ќе биде ли несоодветно да речам - секси? На што најмногу обрнувате внимание - на става, лице, коса? Ах да, косата ви е црвена - кога и како дојдовте на идејата да преминете во „огнени“ и колку оваа боја ве обврзува секогаш да сте нашминкани?

„Ха, ха, ха.. сум знаела и поубаво да изгледам, прашајте наоколу. За жал, како што кажав, изминатата декада други работи ми беа во преден план, неспиењето, стресот и нередовниот живот си го прават своето, а во делот на изгледот амбицијата ми беше да изгледам „пристојно накај убаво“. Кај и да е, се надевам дека ќе дојде пак некој период на ’јас, мене и себе’. Косата најдолго ми била црна, а ова е втор период да станам црвенокоса, првиот пат бев постдипломка, со поагресивна тицијан боја, а сега малку потемна црвена. Иако и мајка ми се фарба махагона, мислам дека идејата повеќе ми е всадена од американскиот ’Вог’, кој често користи модели со портокалова и црвена коса со зелени очи (како моите), и тие најмногу ми се допаѓале (прототип на вештерка), а и мислам дека е само фер да предупредувам дека не сум црвена само во косата, ха,ха,ха... Шминкањето и парфемите се меѓу ретките работи во кои сум конзервативна, со години исто... Креон, маскара и кармин, после додадов и пудра, сенки ретко и само навечер, а руменило не ставам ни под закана за живот“.



Држите ли диета, внимавате што и како јадете? Патем, што ви е најомилено на менито и дали самата си го приготвувате? Сеедно од која побуда - страст, потреба, релаксација..?

„Јас сум на нонстоп на диетата ’од утре’, ама сега по завршувањето на окторатот пак ќе се ставам во движење, па се надевам ќе има ефект, може не на модел од ’Вог’, ама тука некаде ха, ха, ха... Обожавам чоколадо, чоколадни мусови, еклери, сладолед, морска храна и се' месено - пити, кифлички... Готвам само на државни и на верски празници и тоа личи на строго планирана и прецизно изведена воена операција“.



Што значи романтиката во животот на една жена каква што сте Вие?

„Јас повеќе сум очајно сентиментална отколку романтична ако зборуваме за конвенционалното значење на овие поими. За мене, романтиката е збирна именка за се' што е убаво, возбудливо, несекојдневно. Првата помисла ми е патување, авантура и голема вода. А во врска со спротивниот пол, неа секогаш сум ја претпочитала во умерени дози, да не почнам да се задушам, да не ми стане обична и за да не ми помине копнежот . Во суштина, поважни ми се суптилните и ситни гестови на внимание и нежност отколку големи фанфари на некаква секојдневна романтика, која и не е тоа ако е секојдневна“.



Вашиот сопруг е Американец. Во што е особен, автентичен, во однос на другите? Со што Ве освои?

„Па, бидејќи сум Терезија, нели, според естетиката, најпрвин со изгледот. Значи, рус ариевски тип, отсек Викинг (после дознав дека е Американец со норвешко-шведско-германско потекло). Потоа со смислата за хумор, како и типично американската егзекутивна амбиција и самодоверба што ептен ми одговара и што го смирува мојот перфекционизам и анксиозна грижа за сите обврски.Така можев да се релаксирам и да стекнам доверба да делегирам и да уживам во тоа неговото ’ти не грижи се, јас ќе ја средам таа работа’. Во контекст на предрасудите кон Американците, многу доби и на импресивното општо образование, познавање странски јазици, прошетаност. Можеби над се' неговата самодисциплина и самоконтрола небаре е киборг со своевидна професионална деформација од времето на студирањето на Вест Поинт, а кои врз мене влијаат ептен смирувачки. Откога се уверив дека е либерален и прогресивен по сите културни прашања (сепак, од Тексас е, не си баш на сигурно, ха, ха, ха!), почнав да го сфаќам посериозно, а со тоа што добив стипендија за магистерските студии во САД ептен му се наместив на негов терен“.

Искуствата што ги имате како мајка, какви се? Дали во воспитувањето личите на вашите родители?

„Кон син ми се трудам да балансирам меѓу родителски и другарски однос, иако баба и дедо во типично македонска традиција ми се „мешаат во штипки“ со разгалувањето. Ако правам некои клишеа - типологии, по некои особини е типично разгалено македонско дете, особено за обврските дома, но по некои е типично Американче. Некогаш ни мене не ми се верува како функционираат тие клишеа...На пример, ми направил план како да се откажам од пушењето со строга динамика за намалување на бројот на цигарите до неговиот роденден во април, има развиена неверојатна еколошка свест и се шокира зошто кај нас луѓето фрлаат догорчиња и друго ѓубре по улиците, зошто најчесто не викаат ’извини’ и ’пардон’, а кон џепарлакот веќе почнува да се однесува како мал капиталист. Физички се' повеќе личи на вујче, така што се подготвуваме за уште еден голем шармер во семејството.


#
Статијата е прочитана 4638 пати.

Испрати коментар

Од: Perica
Датум: 28.01.2011 12:30:36
Zenskata varjanta na Superman se vika Superwomen.
Од: Студент
Датум: 28.01.2011 15:19:15
Чест ми е што имав ваква професорка !
Од: Beki
Датум: 28.01.2011 20:48:42
Top prikazna. Imav poinakva pretstava za Karolina.Sega. hmmm.Interesna zena
Од: seirdzija
Датум: 29.01.2011 09:59:31
Site nie treba da bideme ponosni i srecni sto ziveevme vo edno humano socijalno drustvo,sto ludjeto go imenuvaat kako KOMUNIZAM.Mal broj na ludje bea vo toa komunisti,bea birani po svoite kvaliteti,a treba i da pogledneme kakvi ludje sega doadjaat na vlast so intrigi i lagi vo svoite programi...Pogledite treba da ni se svrteni kon idninata,no treba da pogledneme vo minatoto i da gi vratime vrednostite sto gi imavme,koi vo demokratijata treba da bidat na prvo mesto.Otuka treba da podrzuvame Licnosti kako sto e Karolina...toa e nasata idnina! i dabegame od ludje koi od siten licen interes pravat steta na nacionalnite interesi

Најди! во Утрински
Насловна
Тиквешански
Расте популарноста на весниците
„Тиквеш“ го подмлади изгледот на традиционалните вина
Нови жртви од грип
Македонците во Албанија извисија за пописот
Да се викаме Кодошистан
Пехчево и Конче се опарија од Русите
Првите пет украински автобуси стасаа во Скопје
Магија за преживување
Се краде се' што е вредно од железницата
Прво дете со Енрике Иглесијас
„Иди, иди несанице!“
Сопственикот на ТВ Пинк тврди дека е труен
Тунис - Сана - Тирана
Меркел: ќе го браниме еврото
Дали Обама е роден на Хаваи?
Холанѓанка обесена во Иран
Ѓоковиќ го „исчисти“ Федерер
Франција против Данска во финалето
Јанкуловска на средба со Дачиќ