17.05.2012, 17:06 Маринела Тушева против Зоран Алексов во битката за Штип
Додека штипјани со сигурност типуваат на двете имиња, и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ демантираат дека нивните кандидати се веќе познати
Иван Бојаџиски
Штип – Како што сега стојат работите, пратеничката од СДСМ Маринела Тушева против Зоран Алексов, актуелен градоначалник од ВМРО–ДПМНЕ, ќе ја бие битката за градоначалничката функција во градот под Исарот. Иако од двете партии демантираат дека нивните кандидати се веќе познати, бидејќи за такво нешто допрва ќе се изјаснувала базата, низ градот се говори спротивното.
Штипјани со голема сигурност очекуваат на 17 јуни, за кога е закажан големиот митинг на СДСМ во Штип, на кој треба да бидат објавени имињата на кандидатите за градоначалници, за советници и за носители на позначајните функции во локалната штипска власт, лидерот Бранко Црвенковски да го изговори токму името на Маринела Тушева како кандидат за градоначалник. Оваа информација последниве два–три дена е топ-тема во штипската јавност. Сепак, тоа не го потврдува и Влатко Милошевски, претседател на Општинската организација на СДСМ.
„Во овој момент нема имиња за ниту една општинска функција. Кандидатот за градоначалник и кандидатите за советници повеќе нема да ги избира Централниот одбор, или лидерот на партијата Црвенковски, ниту, пак, двајца-тројца челни функционери на партијата на локално ниво. Нашите кандидати ќе бидат избор кој ќе произлезе од народот,при што ќе се проверува секоја кандидатура. Во наредните десетина дена во сите 52 месни организации на партијата ќе ја спроведеме постапката на кандидирање носители на јавни функции во општината. Имињата на предложените кандидати ќе ги доставиме до независна агенција која ќе го истражи мислењето на штипјани во однос на понудата. Лицата за кои истражувањето ќе покаже дека имаат најголем углед и доверба меѓу граѓаните ќе бидат наши кандидати како за градоначалник, така и за советници и за раководители на најзначајните институции на локално ниво“, вели Милошевски.
Во ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека им е сеедно кој ќе им биде противник на локалните мартовски избори од спротивниот политички блок. Посочуваат дека во изминатите три и пол години направиле многу за Штип, дека народот знае да го цени тоа, па оттаму и се сигурни во својата победа. Никола Мицевски, првиот човек на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека тие навреме ќе го објават својот кандидат за градоначалник, како и листата за советници.
„Не се занимаваме со шпекулации, што за нас е политичка предизборна шминка, како што три и пол години не се занимаваме со ’шминкање‘ на градот, туку направиме многу корисни и конкретни работи. Зоран Алексов се покажа како градоначалник што остварува и знае да работи во интерес на градот, а ако штипјани го споменуваат неговото име како старо-нов кандидат за градоначалник, тоа значи дека граѓаните се задоволни од неговата работа како менаџер на Штип. Кај нас прво се оди пред членството, таму се дебатира за можните кандидати, потоа работата си ја преземаат органите и телата на Општинскиот комитет, по што се врши изборот. Ние сме сигурни во едно: кој и да биде нашиот кандидат, ВМРО–ДПМНЕ и во наредните четири години ќе биде водечка политичка сила во градот“, вели Мицевски.
Во Штип се говори дека шансите на Алексов да добие нова доверба на партијата се најголеми, иако се спомнуваат и имињата на Саша Митрев, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“, и Илчо Захариев, директор на Бирото за лекови.
Ристе Љуботенски, доктор по политиколошки науки, како чиста илузија го оценува ставот на партиските лидери во Штип дека членството ќе одлучувало за тоа кои личности ќе биле кандидати за највисоките општински функции.
„Лидерите на политичките партии цврсто ги држат конците во свои раце. Голема илузија е тоа дека базата ќе избира кандидати за градоначалници и советници. Во наши услови партиите им служат на лидерите само за тие да ги остварат своите цели. И овој пат ќе биде како што ќе кажат Црвенковски и Груевски, односно пред народот ќе се најдат личности кои тие ги преферираат. Во оваа сфера нема никакви изненадувања и мислам дека тоа на сиот полнолетен народ му е сосема јасно“, вели Љуботенски. |