22.07.2012, 20:51 Митревски: Социјалната слика не е толку лоша
Во земјава економско-социјалната состојба не е толку лоша како што некој сака да ја прикаже. Ако беше така, немаше да има ваков социјален мир како што сега постои. Ова се дел од поентите во интервјуто на првиот човек на Сојузот на синдикатите на Македонија, дадено за радиото „Слободна Европа“.
Според него, самиот факт што во Македонија не се случиле помасовни протести, зборува за респектирање на позициите на синдикатот како социјален партнер. „Ако направите анализа во опкружувањето, а да не зборувам за Европа, речиси насекаде има намалување и на работни места, некаде и до 30 отсто, а отприлика меѓу 20 и 30 отсто има намалување и на платите. Значи, не дозволивме три многу значајни сегменти да бидат под удар на кризата, што е, пак, резултат на еден добро искреиран социјален дијалог“, вели претседателот на синдикатот.
Тој наведува неколку аргументи кои, според него, покажуваат дека социјалната сцена не е таква каква што сака да се прикаже. „Ако направиме една анализа каква била позицијата на работникот претходно, а каква е сега, и ако се земе предвид дека во меѓувреме го донесовме и Законот на минималната плата кој обезбеди поголема егзистенција за над 65 илјади работници, и ако имаме предвид дека не дозволивме поголемо нарушување на пензискиот систем, на платниот систем, па и на водењето на платните политики, тоа доволно зборува дека социјалната сцена сепак не е таква како што се сака да се прикаже. Бидејќи, ако била таква каква што се прикажува или некој се обидува да ја прикаже, сигурно дека немаше да има ваков социјален мир или ваков баланс меѓу интересите на трудот и на капиталот... Јас не велам дека навистина немаме сложена економска состојба, напротив, имаме многу сложена состојба, но сепак, во рамки на мерките кои се предвидени, вклучително и она што го бараме заедно со социјалните партнери, па и најновите мерки во делот на кредитите, како и најавите за сериозни инвестиции..., дава надеж дека ќе го избегнеме она што значи лоша состојба“, објаснува Митревски.
Како гледа на обвинувањата дека е наклонет кон владејачката гарнитура? „Начинот на кој ќе се изменаџира таа соработка може да биде поврзан со индустриски конфликти и на тој начин да се решаваат или воопшто да не се решаваат проблемите... Порано за жал тоа не беше присутно и можеби е затоа таа слика дека синдикатот секогаш мора, и да е добро, сепак да изјавува дека не е добро. Значи мора да ја менуваме таа слика, да ја менуваме таа свест и да бидеме институционално вклучени, за разлика од тоа што порано не бевме“, смета првиот човек на ССМ. (Ек.Р.)
|