17.05.2012, 17:06 Локалната власт прави сплетки со ученичкиот превоз
Во чии раце завршуваат околу милион евра годишно, финансиски средства наменети за превоз на ученици во општината Куманово? Ова е прашањето кое го постави вчера Мирослав Стојановски, претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Куманово.
Тој обвини дека локалната власт со добро разработена шема ги избира фирмите блиски до него за да ги добијат парите добиени од Министерството за организирање бесплатен превоз за учениците.
„Условите во тендерот се приспособени исклучиво на фирмите кои се наедно и спонзори на градоначалникот, а со тоа ги елиминира останатите непартиски фирми. Фирмите што ги добиваат тендерите конкурираат со едни возила, а откако ќе го добијат тендерот, возат и со други несоодветни возила кои се несигурни за безбедност на учениците“, вели Стојановски.
Тој праша до кога градоначалникот ќе ги злоупотребува средствата кои граѓаните на Куманово ги издвојуваат за превоз на своите деца и додаде дека недомаќинското однесување граѓаните повеќе нема да го толерираат, а казната ќе биде пораз на наредните локални избори. |