05.01.2010, 17:05 Православните денес го слават Бадник, а утре Божик
Во своите домови и во храмовите на Македонската православна црква православните верници денес го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово - Божик. Пред Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ Бадник традиционално ќе биде одбележан, а вообичаено манифестацијата почнува со подигање на бадникарското знаме, по што следува осветување на бадниковите гранчиња, нафората, топлата ракија и чајот од свештениците на Соборниот храм. На платото пред храмот бесплатно ќе бидат делени бадникови гранчиња.
Архиепископот Охридски и македонски, г.г. Стефан со пригодна беседа ќе им се обрати на скопјани и на сите добронамерници, а пред Соборниот храм ќе биде спроведена акција за собирање средства за обнова на манастирот „Свети Јован Бигорски“.
Во пресрет на Бадник, вечерта во скопските маала и во другите населени места во Македонија ќе се одржат народни собири со палење бадникарски огнови. Рано изутрина, пак, Рождеството Христово ќе го најават децата - коледарчиња. Утре во 8 часот во Соборниот храм ќе се одржи празничната свечена Божикна литургија со која ќе чиноначалствува архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. (Б.Ј.)
|