Мислења
Балон во магла
Јосиф Ќурчиев
Сите шефови на држави или влади тврдат дека ги имаат најдобрите економски тимови. А финансиско-економското цунами редовно пустоши низ светот
БЕЗ РАКАВИЦИ
Избори, избори. Ете и тоа мина, се разјасни работата, моите колеги до детаљ ги разглобија сите „варијанти“, задачи и очекувања, па затоа се определувам за нешто сосем поразлично, како што би рек��е оние од „Летечкиот циркус на Монти Пајтон“. За малку барем да се одмориме...
Почнувам со една приказна од таканареченото Шики-Мики друштво. Да речеме дека се' се случува во некој замок на смрдливо богат високодостинственик, или, ако сакате титула, нека биде лорд. Поканил гости, се разгаќиле покрај богатата трпеза, ливреисани келнерки и келнери носат полни послужавници со сите можни и неможни десерти, пршти шампањско од она што чини по 30 илјади евра за шише, кавијар, пршути од различни предели на планетава најчесто сервирани во диња и...се' така, да не должам многу и да го предизвикувам вашиот желудник, а можеби и завист.
Нејсе, друштвото толку се распилавило, верувам ни ние не би биле поразлични ако по некоја случајност сме биле таму, што за нараснатиот адреналин биле потребни некакви нови возбуди што дополнително би ги надразниле сетилата. Газдата одвел неколкумина љубопитни и желни за авантура во некој близок силос и таму им покажал супер модерен балон опремен со сите можни современи апаратури, способен да прелета километри на најбезбеден начин. Два-тројца што веќе имале искуство со такво присуство во небеските височини, замолиле да ја испробаат таа модерна играчка, која ветувала многу. За да не ги разочара, лордот им дал дозвола, сепак, предупредувајќи ги да не изведуваат непотребно за да не се доведат во некаква опасна ситуација. Сепак, тоа е само балон. Овие не чекале двапати да им се каже и веднаш стартувале. Она што им го кажал сопственикот било вистина. Полесно нешто за управување немале сретнато. Набргу се нашле на пристојна височина од која глетката била прекрасно совршена. Целиот имот на лордот и околината биле бајка. Воодушевени, сакале да видат што уште има во околината. Меѓутоа...
Ах, тоа меѓутоа. Секако, претпоставувате дека лородот е англиски и дека сета таа случка географски била сместена некаде во Англија. Па, така, нашиве балонџии одеднаш се нашле во густа магла во која залудни им биле сите џи-пи-еси и други модерни направи. Тие се загубиле и немале поим каде се наоѓаат. Балонот неконтролирано си го врвел патот додека одеднаш патниците не виделе дека се многу блиску, на само неколку метри до земјата, над едно поле со шеќерна репка на кое работел некој човек. Викнал еден од нив, прашувајќи каде се наоѓаат. Одговорот гласел: „Вие сте над моето поле со шеќерна репка“.
Што можеле да заклучат патниците во балонот од ваквиот одговор? Приказната вели дека дошле до следниве констатации: прво, дека човекот им ја кажал вистината. И самите виделе дека се таму. Второ: користа од таа вистина за нивниот спас од ситуацијата во која се нашле била еднаква на нула. И трето: човекот во полето мора да бил економист!
Е, сега, ќе се запрашате веројатно зошто приказнава со балонот се врзува за економист? Симболиката е јасна: „балоните“ се врзуваат за економистите, посебно за оние што ги „пумпаат“ на берзите.
До пред некоја година имав обичај да купувам годишен преглед на едно угледно списание во кое беа посочени најзначајните економски збиднувања во светот, со прогнози за следната година. Убаво наџиџано со колор графикони за тоа: кој континент како минал, која од економските суперсили ќарила, а која зијанила, како се движеле цените на најважните суровини, како минал пазарот со храна, како работеле берзите. Речиси две третини од прегледот на соодветната година се посветува на минатото, една, пак, со предвидувања за наредните 12 месеци. И повторно убави графикони, оцени и анализи на експерти и „експерти“, авторитети и „авторитети“. Се покажа дека како и многумина лаици во сферата на економијата и јас тоа наивно сум го прифаќал здраво за готово. Патем, како што мнозинството постапува со некое списание, така и јас со ова: ќе го прочитав она што ме интересира, а потоа заборавав да го погледнам. Стоеја некаде – ги чував поради убавиот дизајн – и никој веќе не им обрнуваше внимание додека еднаш не решив да направам споредба. Особено со предвидувањата и нивното остварување во реалноста. Се покажа дека во добар процент тие биле утка! И тоа дебела. Личеа само на список на желби и надежи. Ништо повеќе. Но, јас не ги обвинувам. Особено оние што настапуваат во такви списанија каде што не е можна нарачка за разубавување на претстојното време. Едноставно, таквите списанија не се во можност да платат толку пари,(иако сега човек во ништо веќе не може да биде сигурен), како тоа што можат да го направат владите или одделни групации на кои им е од интерес да фрлат јадица за наивните.
Посматрано низ некаква филозофска призма, ако го парафразирам Милан Кундера, иднината е празна, минатото е полно. Иднината се полни со сегашноста и со минатото, но тешко некој може да предвиди со сигурност со што ќе биде наполнета. Таа – иднината. На практичен план, особено за тоа како ќе се развива економскиот живот во светот, во одделните развиени или неразвиени држави, многу е тешко да се погоди. Зашто, едно се теоретските сознанија базирани врз минатото искуство и правени врз основа на теории на познати економисти од кои некои добиваа и Нобелови награди, а сосем друго она што се случува на таканаречениот пазар на кој работат живи луѓе со различни амбиции, желби и алчни за позиции и пари.
Потврда добив деновиве кога е ден познат англиски антрополог (не сфаќајте ја неговата професија и едукација само под тој термин) Дејвид Харви, во интервју за една странска телевизија соопшти – не дилема, туку факт – дека сегашниот американски претседател Барак Обама во почетокот на мандатот се пофали дека го има најдобриот економски тим. Патем само: половината од тој тим му служеше на неговиот претходник Џорџ Буш јуниор. Значи, во времето кога беа создавани условите за катастрофата што уследи! Сите имаа дебели портфолија во најпознатите американски банки (и од оние како потонатата „Леман брадерс“), па дојдоа кај него претходно продавајќи ги своите акции во истите тие банки за со здебелен паричник од стотици милиони долари, да станат „службеници на народот“. Ако тимот на Обама беше толку добар, прашува Харви, како не најде веднаш лек за да ја спречи најтешката економско-финансиска криза во светот? Или ги криеја сознанијата за да го спречат претседателот во намерата да воведе строга законска регулатива за работењето на банките? Всушност, тие секако се против тоа и САД засега, за разлика од ЕУ, на тој план не мрдна ниту педа, но економските гуруа и натаму ги држат своите позиции како „најдобар тим во служба на народот“!
А, нивните пријатели „мангупи“ најчесто познати како „менаџери“ или и натаму се во банките, или добиваа милионски тешки бонуси за „успесите“, или работат како професори на престижни колеџи, или пак, како „експерти“ и „консултанти“. Всушност, лекцијата никој не сакаше да ја научи.
(Авторот е новинар) |