Број 3602  сабота, 11 јуни 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон
Стил

Насловна








Site Meter

Методи Чепреганов

Најважна е екологијата на духот

Ние денеска имаме четири главни проблеми, загадувањето на воздухот, водата и почвата, и како најбитен стресогените состојби, вели доктор Методи Чепреганов

Сунчица Уневска

Во Париз деновиве во издание на една од најстарите и најпрестижни издавачки куќи „Масон“, беше промовирано второто дополнето енциклопедиско издание на монографијата „Ди��агностика со неуроимеџинг“, која е посветена на дијагностиката на мозочните заболувања. Меѓу триесеттемина еминентни стручњаци од Европа што работеа на овој огромен труд од 700 страници е и нашиот истакнат доктор Методи Чепреганов, невропсихијатар-епилептолог, супспецијалист по неуроимеџинг дијагностика. Тој е автор на едно од 22-те поглавја, кое се однесува на неговата тесна специјалност - епилептологијата.

„Како пронајдоци во минатиот век, компјутеризираната томографија на мозокот и магнетната резонанција се сметаат за најголеми откритија во прецизната и објективна дијагностика на мозокот и на ’рбетниот мозок“, вели доктор Чепреганов. Ова издание излегува три години по првото енциклопедиско издание, но по период на искуства од дваесетина години.

Доктор Методи Чепреганов има завидна биографија. Има објавено над 130 научни труда, автор е на 18 монографии посветени на главоболките, мигрената, епилептологијата и неуроимеџинг дијагностиката, беше редовен професор на Медицинскиот факултет по неврологија и психијатрија со медицинска психологија, своите искуства и едукација ги стекнувал на високоспецијализираните епилептолошки клиники во Европа, а за една од монографиите е добитник и на престижното француско признание „Академски палми“ од Министерството за наука на Франција за стручно дело на странец на подрачјето на оваа земја.

Но, ние овде нема да зборуваме толку стручно, туку доктор Чепреганов, кој и покрај респектабилната биографија и стручност е многу едноставен и пријатен човек, го „искористивме“ за да позборуваме за сите актуелни проблеми со кои денес се судира модерниот човек, да му поставиме многу прашања што не' интересираат сите, а кои се поврзани со болестите на главата и на мозокот.



Докторе, рековте дека компјутеризираната томографија на мозокот и магнетната резонанција се исклучително значајни во поставувањето прецизна дијагноза. Кажете ни што донесоа овие методи во лекувањето на мозочните заболувања?

И компјутеризираната томографија, а особено магнетната резонанција со сите новини во последните години ни овозможуваат да влеземе и да ги видиме и најсуптилните патолошки промени во мозочното ткиво, од тумор, крварења, па се' до дегенеративни, воспалителни или трауматски процеси. Се' што може да се случи како фактор, како дошло до тоа, каде е локализиран проблемот, која големина итн. Затоа и бев повикан да учествувам во оваа енциклопедија. Нејзината големина и софистицираност е во тоа што е крајно прецизна, во неа е речено се' што во оваа област е работено во последниве столетија, цитирани се трудови и од пред еден век, бидејќи целокупното искуство е скапоцено.



Она што верувам ги интересира сите кога зборуваме за овие заболувања, освен што можете прецизно да ги дијагностицирате, е колку со ваквите напредни методи можеме да ги превенираме овие состојби?

Сигурно дека можеме, токму тоа и е мојата улога. Да видам што атакува на промените во мозокот и да дадам совет во превентивна смисла. Ние го гледаме мозокот, гледаме каде почнала болеста, првите симптоми и врз основа на тоа донесуваме заклучоци во глобала, што, како и на кој начин да се заштити светската популација од идните болести на мозокот.



Можете ли да ни кажете кои се најголемите проблеми односно најризичните фактори што доведуваат до овие заболувања?

Сакам да потенцирам дека ние денеска имаме четири главни проблеми, а тоа е загадувањето на воздухот, на водата и на почвата, што е од исклучителна важност, и како уште поглавен екологијата на духот односно стресогените состојби.



Би се задржала на стресот бидејќи за него денес, дефинитивно, многу се зборува, сите сме свесни дека е причина за многу заболувања, докторите постојано апелираат да се избегнува стресот... Но, прво би Ве прашала што точно подразбирате под стрес и како тој влијае врз нашиот организам?

Секоја непријатна емотивна состојба, која во даден момент ја восприемаме, е стрес. Ние сите сме изложени на секојдневни влијанија во нашата средина во која егзистираме. Стресот, всушност, е одбрана на нашиот организам од тоа што го примаме однадвор, од она што атакува на нашата личност и ја нарушува нашата рамнотежа. Ако во еден ден имате десет или дваесет непријатни случувања, тоа се исто толку стресни состојби што направиле мал земјотрес во вашиот организам. А сето тоа доведува до промена на вегетативниот систем.

Имено, организмот сака да се одбрани и бега, но во самиот себе правејќи вегетативни симптоми. Ви се покачува ��дреналинот, се потите, расте притисокот, се јавува тахикардија, главоболка, се стегаат крвните садови и започнува еден циклус на нарушување на срцето, на мозокот, на дишењето, бубрезите. Проблемот со стресот е што не го препознаваме се' додека не станеме жртва на тие пролонгирани стресни состојби.



Но, како да се избегнат? Бидејќи, освен индивидуалните ситуации, имате и општествени, како што беше оваа ужасна политичка кампања, од која сите сме дел и која влијае врз сите, иако не сме свесни за тоа!

Тоа е она што не може да го сфати мојот карактер. Што значеше оваа кампања? Нашата духовна рамнотежа беше нарушена, сето тоа изврши огромно влијание врз нашата психа, на целиот наш организам. Она што се случува во нашата земја во последните дваесет години има огромни реперкусии врз психолошкиот статус на нашиот човек, нарушена ни е рамнотежата, немаме духовен мир, немаме сон, се трошиме многу брзо. Треба да бидеме свесни дека и телевизиите се опасен стресоген фактор, со сите податоци, вокабулар, начинот на кој е дадена некоја информација.



Навистина, секојдневно сме изложени на многу дразби, кои на различен начин атакуваат врз нашите сетила. Колку стилот на живеење би можел да повлијае стресот да биде поголем или помал?

Апсолутно многу. Но, најголемиот проблем е во тоа што кога се работи за стресот, ништо не ве боли, не тече крв и воопшто не сте свесни дека нешто ја атакира вашата личност. Во тоа стресот е најопасен, не го чувствувате, но тој ве повредува некаде внатре, во вашите хормони, во невромодулаторите настануваат промени, кои во прво време се функционални, но подоцна стануваат трајни. Тоа е трагедијата што луѓето не ја сфаќаат.



Дали е можно низ едукацијата уште од најмала возраст да се влијае врз децата и тие да можат поподготвено да се справат со сиве овие проблеми?

Можно е ако има систем со кој е предвидено, организирано, востановено и втемелено тоа во училиштата. Но, за жал, кај нас се' е дезорганизирано. Која е разликата меѓу нас и Европа? Европа е организирана, реална и нема емоции, а ние сме дезорганизирани, нереални импровизатори и во сите работи трошиме огромна енергија на емоции.



Сите ние голем дел од денот го поминуваме во некаков грч и голем психички притисок. Има ли техники со кои може човек да се ослободи од тоа?

Има и се викаат „арт оф ливинг“ или „уметност на живеење“. Тоа е превентива и со тоа се занимава една огромна организација во светот. Тука спаѓа и начинот на дишење и медитација како начини на ослободување од стресот. Тоа е таа екологија на духот, но она што во сето ова е најважно, е дека човек дневно барем еден час би требало да си посвети на самиот себе, како превенција во својот ментален живот.



Што би им препорачале на луѓето?

Првенствено, добра едукација, инкорпорирање норми што ја градат личноста и прават во односите со луѓето да биде урамнотежена. Бидејќи со неадекватно однесување, создавате немир и кај другите. И, се разбира, „арт оф ливинг“.



А што е со исхраната? Вие важите за човек што има неверојатен дух и што умее да ужива во храната и во виното...

Исхраната е филозофија на нашето постоење. Да знаете како и на кој начин да се храните, како да ја подготвувате храната и што внесувате во своето тело. И да не го заборавите црното вино. Во него има антиоксиданси кои ги уништуваат штетните материи во нашиот организам, но само ако се зема во умерена доза, чаша или две. Всушност, најбитна е превентивата во поглед на нашата ментална хигиена, или со други зборови, екологијата на духот.


#
Статијата е прочитана 1301 пати.

Испрати коментар

Од: Sekoja cest !! Ama......
Датум: 11.06.2011 09:36:52
Sekoja cest na doktor profesor Cepreganov...i negovite naucni trudovi...problem e vo toa bas sto vcera objavivte zadovolni doktori nezadovolni pacienti...!! Imav taa cest konecno da dojdam do dotorot so trista peripetii i toa privatno ..vo Neuromedika...!! No mojot problem ne se resi migrenata i neuralgija trigemini ostana kako dokaz deka mene negovite teorii so trudovite malce mi vredat ...No mozebi da imav poveke vnimanie...citaj sredstva ..ke se pretoceva vo praksa...!!!
Од: gragjanin na RM
Датум: 11.06.2011 13:48:25
Ете ти „коментатор“ со дијагноза неуросис вемеросис. Кој е овој синдром на уништување на се` што е една глава повисоко од просекот, веднаш му наоѓаме маани, го клеветиме...Г-не, треба да се гордееме што имаме ваков научник што го познаваат малку подалеку од Табановце. А научните трудови сигурно не ги истресол од ракав, туку тоа се плод на долгогодишна работа во професијата. Проф. Чепреганов е пензиониран лекар и работи во приватна поликлиника. А вам ви препорачувам за мигрената да го најдете изворот на злото од каде ги добивате нападите. Верувајте ми, тогаш ќе можете да ја излекувате...И да му се извините (ако имате доблест) на д-р Чепреганов...
Од: Заинтересирана
Датум: 12.06.2011 20:12:16
Секоја чест на др. Чепреганов, но помалку теорија а повеќе пракса. Претпоставувам тоа сакаше да го каже госпоѓата “Секоја чест.Ама“ и во тоа ја подржувам. Што има практично здравството применето од теориите на др.Чепреганов, како тоа ни помага да се справиме со стресот. Јас лично имам алопеција на стресна основа. А знаете што ми вели докторот, нема никакви лекови на база на Фондот, само вие земајте си витамини, шампони и слично на приватна база. И дoкторот си ја заврши аботата. Дали имам пари за тие витамини и не коментирам но дали за стресот ми треба друг третман, дали ми треба психијатар и слично не се ни постави како прашање! Е тука е проблемот “Граѓанину на РМ“. Тука здравството треба да го даде проблемот а не “не дај боже“ од кога ке закачам некоја потешка болест да ме лечи. А да не коментирам тоа лечење колку кошта но и тоа не ги интерсира затоа што кај нас се лечи само тој што има пари.

Најди! во Утрински
Насловна
Стил
Славата, митот и крвта на ВМРО (11)
Концерт за старите добри времиња
Ќе се штитиме или да не штитат
Сите се оградуваат од „тигарот“ Спасов
Малиот рај на манастирот во Рајчица
Свирки во Америка, Италија и во Македонија
Хрватска во ЕУ на 1 јули 2013 година
Курбан липи
Враќањето на визите и натаму виси над Македонија
СДСМ не го дава Црвенковски
Стинг во Белград
Летај Саша
iCloud - почеток на нова ера!
Инвазија на македонски пејачи
Балон во магла
Почина Леон Бота, најмлад старец во светот
Македонија обезбеди пласман на ЕП во Србија
Лажењето е опасно и за здравјето
Зошто песната може да ве натера да се расплачете
Стразбур пресуди во корист на ОМО Илинден - Пирин
Водич за заштита од стомачни инфекции
Запленети над 100 килограми марихуана
Штип ќе добие нов плоштад и уредено корито на Отиња
Очекувам Нимиц да ги динамизира разговорите за името
Карикатура

"""