МВР
Запленети над 100 килограми марихуана
11.06.2011, 16:12
Одделот за недозволена трговија со дрога при Центарот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, подолго време работеше на прибирање на сознанија во врска со криминална група од Македонија, која се занимавала со организирање на транспорти на поголеми количини на марихуана од Албанија преку Македонија за нарко пазарот во земјите на Западна Европа.
Како резултат на претходно спроведена истрага, преземени се мерки и активности, при што во координирана акција на ден 11.06.2011 година, пресечен е меѓународен канал за НТ со марихуана од Р.Албанија преку Р.Македонија во земјите на Западна Европа, при што се уапсени две лица, а запленети се околу 105 килограми висококвалитетна марихуана.
Имено, денеска во координирана акција на ОНТД, во 00,30 часот на крстосницата кај с.Мажучиште, с.Ропотово регионален пат кон Прилеп запрено е ПМВ„Волво В-40“ со тетовски регистерски ознаки, управувано од лицето Ф.З.(40) од с.Селце, тетовско и совозач Ф.С.(33) од с.Стримница, општина Желино. При преглед на возилото во багажниот простор спакувани во торби пронајдени се 99 пакувања облепени со кафена селотејп лента во кои имало наркотична дрога марихуана, со вкупна бруто тежина од 104 кг. и 980 грама. Во извршените разговори осомничените посочуваат дека марихуаната ја подигнале во близина хотелот Еуротел во Струга и дека најверојатно нивните албански партнери ја внеле преку езерото.
Заради понатамошно вештачење, одземените пакувања беа предадени во Одделот за криминалистичка техника на МВР. Од првичните анализи утврдено е дека станува збор за квалитетна марихуана чија цена на западноевропските пазари изнесува околу 400.000 евра.
До Основно Јавно обвинителство Прилеп ќе биде поднесена кривична пријава против лицата Ф.З.(40) и Ф.С.(33) за сторено кривично дело “Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори”, казниво по чл.215 став 3 од КЗ на РМ и истите ќе бидат изведени пред истражен судија.
|