01.07.2012, 17:12 Бракот пукна под саентолошките стеги и правила
Том Круз е најпознатиот холивудски саентолог. Кејти Холмс паѓала во депресија поради начинот на живот на Том, кој и' бил наметнат
Откако е објавено дека Том Круз и Кејти Холмс се разведуваат, медиумите почнале да шпекулираат за поделбата на богатството. Но наместо половина од богатството на Круз, кое е проценето на 275 милиони долари, Кејти ќе добие 15 милиони долари и куќа која вреди 35 милиони долари.
Според наводите на американските медиуми, Кејти (33) одлучила да поднесе барање за развод, зашто и' било преку глава од контролата од страна на сопругот, кој не само што се мешал во нејзиниот живот и кариера, туку и самиот донесувал одлуки поврзани за нивната ќерка Сури.
Тие двајцата биле во брак од ноември 2006 година, а медиумите пишуваат дека по разводот Кејти ќе добие по 3 милиони долари за секоја година мината со Том, како и куќа на Беверли Хилс, која чини 35 милиони долари.
„Ќе мора да бара голема сума за детето. Ќе мора да докаже дека Сури има дадилки и дека многу пари одат на трошоци околу нејзиното облекување, фризер, превоз... Потребна е голема сума да се одржи досегашниот начин на живеење на Сури“, рекла адвокатката Вики Циглер.
Освен домот на Беверли Хилс, парот има домови во Њујорк, Колорадо, Италија и Англија. Меѓутоа, Кејт нема да добие половина од неговите пари, зашто не биле во брак 11 години, како што наложува калифорнискиот закон за поделба на имотот во однос 50:50.
Пријателите на парот велат дека Том е длабоко повреден, зашто Кејти не му дала никакви индикации дека ќе замине од него. Дискретно, преку адвокат, Кејти барањето за развод го предала во Њујорк, иако живеат во Калифорнија, за либералниот суд од источниот брег порамноправно да ја го подели имотот стекнат во брак. За тоа време, Том на Исланд го снимал филмот „Oblivion“, надевајќи се дека сопругата ќе му се придружи за 50. роденден на 4 јули. Наместо љубовна честитка, добил повик од својот адвокат, кој го известил дека Кејти побарала самостојно старателство над нивната шестгодишна ќерка Сури и пристојна алиментација, објавил угледниот американски „Форбс“.
Според пишувањето на истиот тој „Форбс“, Круз е 9. најмоќна славна личност на светот, кој само минатата година заработил 75 милиони долари, а на соопштението на Кејти реагирал со свое соопштение, исто преку адвокат. „Кејти поднесе барање за развод и многу сум тажен поради тоа“, изјавил Круз, кој на многу сличен начин реагираше кога се разведуваше од славната австралиска актерка Никол Кидман, а пред тоа од својата прва сопруга Мими Роџерс. Тие двете, т.е. првата и втората сопруга доволно заработиле, а како актерки, дури откако го оставиле Том почнале да остваруваат поквалитетни улоги.
„Дека и' беше грозно со Том, беше јавна тајна. Веќе не можеше да се преправа“, тврди извор близок на славната актерка и додава дека Кејти често се чувствувала бедно и дека покрај Том ја изгубила самодовербата. „Навистина се чувствуваше како робот, многу се смени откако е во брак со него“, наведува изворот за американските медиуми.
Кејти Холмс паѓала во депресија поради начинот на живот на Том, кој и' бил наметнат. Најголем кошмар и' била саентолошката црква и животот според нивните правила.
Том Круз е најпознатиот холивудски саентолог. Во согласност со тоа, и нивната венчавка била според правилата на саентологијата. Ќерката Сури ја запишале во саентолошко училиште, кое го основале Вил Смит и Џада Пинкет Смит. Во тоа училиште кон децата се однесуваат како возрасни и им говорат дека самите треба да ги донесуваат сите одлуки.
Оваа секта наложува породувањето да се извршува во целосна тишина, што Кејти и го сторила. Исто така, поради нивниот начин на исхрана станала преслаба. Поради т.н. пурификација, односно чистење на организмот, што подразбира витамински бомби од 142 дози, како и долго седење во сауна, рацете на Кејт станале виолетови. Имено, ваквиот начин на исхрана доведува до оштетувања на црниот дроб, губење на косата, отекување на мозокот и органите за дишење. Иако остава впечаток на повлечена и кревка личност, во приватниот живот, откако е во брак со Том, Кејти всушност станала агресивна.
„Вика по нас. Вика и се изживува! Не беше таква во почетокот на бракот. Постојано не' омаловажува и не' нарекува со погрдни имиња. Намерно фрла предмети по подот, па не' гледа како ги собираме“, рекол еден од вработените.
Ако се суди според изворите од Саентолошката црква, пред да почне да се забавува со Кејти, Том им „фрлил око“ на Ерика Кристенсен и Скарлет Јохансон, кои исто како и Кејти, лично ги вовел во својата нова животна религија. За Кејти, наводно, се одлучил зашто била најнеискусна меѓу сите тие девојки, кои го минале обредот на иницијација, што и да значело тоа. Штом се венчале, теоретичарите на заговори веднаш „процветале“ објавувајќи дека според предбрачниот договор кој го потпишале, Кејти за секоја годишница на бракот и роденден на детето, ако го имаат, добива значителна сума пари.
Том Круз повеќето свои жени ги вовлекол во саентологијата. Првата која го напуштила поради оваа верска секта е Никол Кидман, која не сакала да живее според саентолошките правила. Она на што „пукнала“ Кидман била ставката - породување во тишина. И првата сопруга на Том, Мими Роџерс, живеела по тие правила. Пенелопе Круз, со која Том беше во врска, наводно, само го проучувала култот.
Секако ова барање за развод на Кејти Холмс, четири дена пред роденденот на нејзиниот сопруг, само ги потврдува верувањата дека дека меѓу нив воопшто не владеела завидна „љубов до гроб“, како што говореа само пред еден месец. Веројатно уште тогаш Кејти размислувала за развод, но и иако раздвоени (таа во последно време живеела во Њујорк, а Том снимал низ светот), продолжила до пред некој ден да ја игра својата „улога на животот“ - сопруга на највлијателниот холивудски саентолог. Сега сите холивудски, па и светски „теоретичари на заговор“ очекуваат голема битка за старателство врз шестгодишната ќерка Сури. (Ј.П.) |