24.03.2012, 12:56 Тинекс донира средства за опожарените куќи во Карадак маало
Парична помош за комплетна обнова на покривите на опожарените куќи ќе добијат семејствата чии домови настрадаа во вчерашниот пожар во населбата Карадак маaло. Помошта за опожарените домови, што ја обезбеди „Тинекс“ е дел од пошироката активност на компанијата во делот на општествената одговорност која се одвива под мотото „Тинекс, ти и јас“
Компанијата „Тинекс“ презеде брза акција за помош на семејствата чии домови во петокот претрпеа штета во пожарот што избувна во скопската населба Карадак маало. Финансиските средства што ги обезбеди компанијата ќе овозможат комплетна обнова на покривите на опожарените куќи.
„Веста за пожарот што ги зафати домовите на нашите сограѓани е навистина потресна и тоа беше сигнал за нас веднаш да се мобилизираме и во рамките на нашите можности да обезбедиме помош за овие семејства. Се надеваме дека нашата морална, но и конкретна поддршка во овие тешки моменти ќе биде мала утеха и поддршка за излез од оваа несакана ситуација“, изјави Кристина Тодоровиќ - Николиќ, генерален извршен директор на „Тинекс“. |