26.03.2012, 17:04 Од денеска нов шок, бензините пак поскапија
Цената на бензините опасно се приближува до 90 денари за литар
Маја Томиќ
Продолжува континуираното поскапување на бензините на секои две недели од почетокот на годинава. Од денеска тие повторно се поскапи, и тоа за 1,5 денари, а дизелот за половина денар од литар. Така, во Македонија, по Хрватска, сега ќе се продава најскап бензин во регионот од 1,38 евра за литар. Според вчерашната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, новата малопродажна цена на Еуросупер БС-95 ќе изнесува 87,50 денари за литар, а на Еуросупер БС-98 89 денари. Дизелот ќе чини 75,50 денари, додека екстра- лесното гориво 64 денари за литар. Како причина за порастот на цените од Регулаторна се наведува просечната цена на сурова нафта на светскиот пазар во изминатите 14 дена, која изнесуваше 125,078 долари за барел и беше за 0,47 пониска од просечната цена на сурова нафта по која беа формирани тековните цени на нафтените деривати. Но, затоа курсот на денарот во однос на доларот во изминатите две недели изнесуваше 46,6652 денари и беше за 1,05 отсто повисок од оној по кој беа формирани претходните цени.
„Во Македонија работите стануваат драматични“, се огласија вчера од СДСМ, реагирајќи за последното поскапување на бензините. „Цената на бензините експлодира. Никогаш досега во историјата на Македонија тие не биле повисоки. Кој е одговорот на Владата? Ноншалантна изјава дека ќе набљудувале и ќе следеле што се случува? Лани во слични околности Владата го прифати предлогот на СДСМ и ја намали акцизата за да поевтинат бензините. Премиерот сега кажа дека нема да преземе ништо за да поевтинат бензините, ама не рече зошто? Нема пари во буџетот?“, праша на вчерашната прес-конференција Зоран Јовановски од СДСМ.
Тој и' предложи на Владата дека може да најде пари ако го прекине рекламирањето, ако ги врати неефикасните промотори од странство и ако се откаже од купување нови автомобили.
Реакции имаше и од ЛДП. „Со овие цени на бензините Македонија ги урива рекордите во регионот, а и пошироко. Очигледно е дека Владата нема намера да преземе чекори кои ќе имаат ефект врз намалувањето на цените, туку само ја замајува јавноста со непродуктивни средби“, посочи Дејан Блажевски. Тој направи споредба со другите цени на бензините во регионот, како на пример Хрватска, каде што бензинот чини 1,42 евра, БиХ, каде што тој изнесува 1,25 евра, Србија - 1,25 евра и Бугарија - 1,25 евра за литар. Додека во Македонија тој достигна цена од 1,35 евра, односно 1,38 евра.
„Го повикуваме премиерот Никола Груевски, сега кога цената на бензините драстично ја надмина границата од минатата година, да ја примени истата мерка и да ја намали акцизата. Доколку Владата нема слух за овој апел, станува јасно дека ланското намалување беше политички трик во пресрет на предвремените избори“, рече Блажевски. |