10.01.2013, 17:27 Вељаноски денес ќе ги распише локалните избори - за 24 март
Владејачката партија ќе се изјасни за барањата на опозицијата откако спикерот денеска ќе ги распише локалните избори
Александра М. Митевска
Претседателот на парламентот, Трајко Вељаноски, ќе ги распише денеска локалните избори, а датумот на нивно одржување ќе биде 24 март. Утре, пак, според претходните најави, раководството на владејачката ВМРО-ДПМНЕ ќе се произнесе за условите што ги постави СДСМ за учество на опозицискиот фронт на претстојните избори. Ако одговорот на владејачката партија биде негативен, како што, првично и неофицијално, се навестува, речиси е извесно дека опозицијата од македонскиот политички камп ќе ги бојкотира изборите за градоначалници и за советници.
Во случај, пак, да се прифати предлогот на опозицијата - во ист термин со локалните да се одржат и предвремени парламентарни избори, Собранието би требало да се распушти околу 24 јануари или за околу две седмици?!
Изборниот законик предвидува локалните избори да се одржат во четвртата година од мандатот на актуелните локални власти и тоа во втората половина на март.
„Доколку не се измени Изборниот закон, претседателот на парламентот нема друг избор освен да ги распише изборите. Тоа особено важи за локални избори, за кои терминот за одржување е најпрецизно утврден во изборната регулатива“, вели Александар Новаковски, поранешен претседател на ДИК.
Македонија веќе има едно искуство со одложување на локалните избори и продолжување на мандатот на локалните власти. Во 2004 година се носеа законски измени во оваа насока, во очекување на новата територијална организација, со која се утврдија нови општини, а повеќето од постојните ги сменија границите.
Андреј Петров, секретар на СДСМ, изјави вчера дека по чинот на, како што рече, осквернавување на парламентот, е неважно кога Вељаноски ќе ги распише изборите.
„Одговорноста за избори кои нема да имаат легитимитет и сите консеквенции по државата ќе паднат на товар на оној кој ги спроведува изборите, а тоа е владејачката партија. Такви избори ќе бидат тешки за земјата. Секој треба да го има предвид тоа кога ги носи одлуките. За СДСМ избори кои ќе бидат организирани на таков начин, ќе немаат немаат легитимитет, како да не се одржани и не постојат“, рече Петров.
Извршниот одбор на ЛДП, како коалициски партнер на СДСМ, ја поддржа вчера одлуката за изборен бојкот ако не бидат прифатени опозициските барања. Во заклучоците што ги достави ЛДП го нема условот за техничка влада.
Чинот на распишување на изборите, што е најавен за денеска - како претходница на утрешната седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, всушност, ќе значи и потврда за решеноста на владејачката гарнитура да одржи избори, без разлика дали на нив ќе учествува втората по бројност партија во законодавниот дом. Никој не спори дека во таков случај изборите ќе бидат законити. На тие избори може да учествуваат владејачките партии, независни кандидати, како и опозицијата од албанскиот блок, која најави дека ќе се вклучи во битката.
Но, легитимноста на процесот би можела да биде доведена во прашање. Особено во ситуација на мал одѕив на избирачите, што е многу веројатна опција ако на изборите не учествуваат партии кои во претходниот изборен циклус, збирно, освоија повеќе од 400 илјади гласови.
На претходните локални избори, во 2009 година, одѕивот во првиот круг, во просек, изнесувал околу 49 проценти, а во вториот близу 42 проценти. Изборниот законик не предвидува посебни цензуси за избор на градоначалници или советници. Единствено, за победа во првиот круг, потребно е еден кандидат да го добие мнозинството гласови од вкупниот број излезени гласачи, но под услов на изборите да излезат една третина од запишаните избирачи во конкретна општина.
Експерти посочуваат дека со неучество на опозицијата ќе се намали натпреварувачкиот дух на изборите и ќе спласне политичката конкуренција, но и дека ќе се испрати лош сигнал за демократските капацитети на државата.
„Во ситуација на намалена конкуренција и во зависност од тоа колкав ќе биде одѕивот во општините, може да биде доведен во прашање легитимитетот на избраните локални власти, но не и легитимитетот на изборите“, вели Новаковски, додавајќи дека заложба на повеќето современи демократии е да ја зголемат излезеноста на изборите.
Александар Даштевски, поранешен член на Државната изборна комисија, пак, смета дека прашањето „дали избори без опозиција ќе бидат легитимни“ е повеќе филозофско отколку практично.
„Важно е дека никој никого не спречува да излезе или да се кандидира на изборите. А, кој ќе учествува на изборите е прашање на слободна волја“, вели Даштевски.
Македонија, во својата куса плурална историја, има едно искуство на јасно деклариран изборен бојкот, но во многу поинаква политичка клима и во други изборни услови: Во 1994 година, тогаш опозициските ВМРО-ДПМНЕ чиј лидер беше Љупчо Георгиевски и Демократска партија на Петар Гошев, со обвинувања за крупни изборни нерегуларности во првиот дел од гласањето, ги повикаа своите гласачи да не излезат во вториот изборен круг. Сегашната опозиција, пак, однапред најавува бојкот на локалните избори, што значи воопшто не би учествувала на престојните избори, иако веќе се познати повеќето нејзини кандидати за градоначалници. |