14.01.2013, 17:39 Мислења
Современ македонски комунизам (социјализам)
Слободан Најдовски
Македонија нема шанса за напредок ако не стане современо демократско општество во кое слободата на поединецот е на прво место
Маркс и неговите следбеници го замислувале комунизмот како општество на благосостојба. Од денешен аспект комунизмот е синоним за диктатура и тоталитаризам. Тие два збора деновиве заземаат централно место во општењата меѓу власта и опозицијата. Главната забелешка на опозицијата е за нарушената демократија во државава и за тоталитаристичко владеење на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Наспроти нив, владејачката гарнитура, сама нарекувајќи се модерна конзервативна партија, обвинува за нереформираност на водечката опозициска партија, односно за нејзино дејствување како од времето на комунизмот (социјализмот). Без намера да носам заклучоци, низ компарација на четири сегменти на општественото живеење, ќе се обидам да поттикнам на размислување за сличностите и разликите во македонското општество пред деведесеттите и денес.
1. Почитување на мислење на малцинството
Една од карактеристиките на општественото уредување пред деведесеттите беше сатанизирање на мислењето на малцинството во општеството особено во единствената партија. На која било форма на изразување на незадоволство, мислење или став од одредена група која беше малцинство, се појавуваа „здравите самоуправни социјалистички јадра“ кои ја бранеа државата од реакционерните сили.
Според мислењето на денешната власт и нејзините поддржувачи со завршување на изборите во државата треба да престане секое спротивставување од страна на партијата која изгубила на изборите (станала малцинство во парламентот). Опозицијата нема право со демократски дозволени средства да ја „принуди“ владата на разговори за измена на предложениот буџет. Невладините организации и други форми на опозициско реагирање „се агентура“ на оние кои не и' мислат добро на државата. Се јавуваат многубројни друштва, организации и здруженија кои ја заштитуваат државата од опозицијата.
2. Вработување
Во толку критикуваниот социјализам имаше пријателски врски, непотизам, но имаше и реални конкурси и акции за вработување, па имаше некој редослед. Сите нововработени не беа и членови на партијата. Луѓето од, сега веќе, средната генерација паметат и период кога немаше потреба од партиска книшка дури и за раководни места во стопанството и државните институции.
Денес, не само во државните туку и во фирмите со приватен капитал, доминантна е препораката и улогата на партијата во одлучувањето кој ќе биде вработен. Постапката оди по редослед од предлагање на месните одбори до усвојување на општинските партиски органи. Незадоволните од решенијата за прием не се жалат пред органите на управување во претпријатијата и институциите кои објавуваат огласи, туку своите жалби и протести ги искажуваат во просториите на владејачката партија. Никој не порекна дека незадоволните од одлуките по огласот за последните вработувања во РЕК „Битола“ реагираа во партијата. Единствената разлика беше за силината на реакцијата, односно дали имаше само висок тон или и нешто повеќе од вербална расправија. А за раководител на државна институција од непартиска личност може само да се сонува.
3.Медиумите
Секогаш биле, се и ќе бидат огледало на нивото на развојот на демократијата во една држава.
Втората половина на осумдесеттите и крајот на социјализмот го карактеризираше појава на многу слободоумни новинари, а некои од нив и ден-денес се перјаници на квалитетното новинарство. „Млад борец“, „Пулс“ или некои телевизиски и радиоемисии од тоа време останаа недостижна височина за слобода на изразувањето.
Според државната телевизија, актуелниот премиер и партијата на власт не направиле ни една мала грешка која би ја посочиле во вести или за која би отвориле дебата. Македонската јавност е лишена од дебати на јавниот сервис на кои ќе се соочат аргументите на власта и опозицијата. Зар за ниеден новинар, од јавниот сервис или приватна телевизија, не е предизвик за актуелната ситуација да ги покани на дебата власта и опозицијата за настаните пред, за време и по 24 декември. Секако дека е, но или немаат храброст или претставниците на власта не прифаќаат. Цензурата и самоцензурата на новинарите и сопствениците доминираат во информативната сфера во Македонија.
4. Култура
Унко и Горан (Стефановски) во „темниот комунизам“ ја направија „Среќна нова ’49“ во која се препознаа се' уште многу живи, високи, партиски раководители. „Свадбата на Мара“, на Костов и Љубиша Георгиевски, го издржа притисокот на „сватовите“ од Централниот комитет на СКМ. Во „Натемаго на Филозофскиот факултет“, во битолски театар, партиски секретари си го препознаваа својот стил на говор. Познати архитекти, противници на рушењето на битолскиот театар, не жалеа за раководните функции во институциите во кои работеа.
Во денешно време, режисери и артисти излегуваат на протест заедно со некои квазиземјоделци. Денешниот театар, па и уметноста во целост, не се огледала на животот. Не ги отвораат и не ги прераскажуваат работите, туку се претворени во еден вид лесна забава и стануваат политикантски сфери од животот. Историчари на уметноста, архитекти, скулптори како да го изгубиле гласот за да проговорат, добро или лошо, за делата на до вчера конфекциската дизајнерка, која целосно го измени ликот на македонската метропола. Економско-социјалната состојба во државава и владеењето на партијата на власт не е тема на интерес на ниеден творец. Можеби извлекоа поука од Милчо Манчевски, кој по „Мајки“ преку ноќ стана неомилен кај довчерашните негови пријатели кои припаѓаат на партијата на власт. А состојбата во државава душа дала за ново читање на „Ревизор“, делата на Нушиќ...
Се распаднаа и системот и државата во која претходно живеевме бидејќи не ги издржа притисоците на демократијата. Споредбите во клучните сфери од живеењето и битисувањето на едно општество треба да го дадат одговорот каде се движи денешнава наша држава.
Македонија нема шанса за напредок ако не стане современо демократско општество во кое слободата на поединецот е на прво место. Способноста на поединецот ќе го одредува неговото место во општеството, а не припадноста на колективитетот без разлика дали е тој од партиска, етничка или друга природа.
(Авторот е поранешен пратеник)
Наш став
Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата на „Утрински весник“ да биде влијателен глас на заедницата. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Утрински“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација. |
Статијата е прочитана 1417 пати.
|
|
Испрати коментар
|
|
USA, 15.01.2013 00:53:44 | 5. Imeto. Za toa e borbata denes. A, deka moravme od deca da nosime crveni marami vo pravedniot sistem i da peeme patriotski pesni na tudj jazik, go znaeme i toa (barem da bevme platenici, nego bese........za koga???? ZA TITA....). A, za novinarskite slobodi, Kolemisevski najdobro objasni. Se kritikuvase samo VMRO.......i po nekoj Buckovski, Buzlevski...... |
| cane sokolovski, 15.01.2013 03:50:18 | Па што ако си морал УСА црвени марами? Да не ти падна нешто од тоа? Е па УСА, јас се вработив 1971 и НИКОЈ не ми побара партиска книшка! Почнав од инжењер во погон па завршив како технички раководител и НИКОЈ не ми побара партиска книшка! А сега, стаписан пред мои очи видов закани уцени (да се нашле 15 гласа за вмро или), мој близок го условуваа дека ќе го примат синот САМО ако најде книшка и МНОГУ повеќе. Живееш во УСА, јас во Канада и овде таква влада би паднала за 24 часа. Ама нивото овде на совест, на култура а посебно политичка култура, плус преваленгтен страв, е такво да тоа во Македонија не може да се случи. Јавниот сервис (МРТ) е најголема срамота што можеби постои во светот! Таков конформизам, полтронство, хипокризија и сервилност се невидени работи! |
| Baba Zumbula, 15.01.2013 07:00:31 | Do USA.Babino nemase ni denes da imame problemi so imeto da ne bese TITO.Ke ne nemase,ti teknue cedo.Narod bez drzava.Palestinci.Toa sto go zapocnaa 1913,znaes ona vo London sostanokot pred Bukurest,TITO go skova planot da se rascereci Makedonija......Da,da toj e glavniot vinovnik zs ti govoris Makedonski,vo Makedonija,ucime vo Makedonski skoli,odime vo Makedonska crkva,se vee Medonsko zname,imame MANU... e sega babe crvenite marami gi zamenivme so crni.Od pukanje i ubistva,od drogicka,od samoubistva.A novinarskite slobodi denes se na edno zavidno demokratsko nivo,vidovme toa babe na 24.12.2012.Neli taka?!Ama jadejki burek Drakce i sedokosiot(onoj so background od Idrizovo)ne vidoa sto toa bilo so nivnite kolegi vo Sobranieto.Ma kaki!Ne vidoa ni orlinja razletani.Short view and memories like fish!Do you agree?No edno e sigurno,dodeka ima patrioti prerodbenici kako tebe,tefljonceno na Evda,devicanecon,voopsto ne treba da mu ja mislime.Ke se vratat raselenite od 2001 doma,neli?! |
| ФЕЛИКС, 15.01.2013 08:29:53 | Како прво страотен демант историски.Да беше се така напредно,монолитно,слободарско и т.н немаше таа творба државна да ја растурат во крв токму оние КОМУНИСТИ од типот на Милошевиќ,Туѓман и др.Тоа не беа ни фашисти,ниту демократи туку КОМУНИСТИЧКИ апаратчици во едноумието.Е кога сето ова пропадна бившите комунисти напрасно станаа демократски лидер на партии,олигарси и т.нЕдино што остана како траг од минатото е владеењето со сопсвената партија:Па така сега во најзадрт облик се пресметуваат со неистомислениците да се ,,внатрешен непријател,,кој ја реметат партиската идила.И нормално прогласување надворешен непријател кога тој им праќа пораки за поинакво однесување.И на крај историјата се преповторува тому на оние кој ништо не научиле од минатото.Со ова би се согласил и г-дин Соколовски. |
| Student vo Sofija, 15.01.2013 09:34:08 | Најјасниот знак за присуство на комунизам во денешна Македонија е фактот дека доаѓањето на комунистичката диктатура на власт во 1944 се слави сеуште како Ден на национално ослободување и е прогласено за национален празник. Покажете ми барем една држава, дури и меѓу жестоко настраданите од фашизмот - Чеси, Полјаци да слават замената на една диктатура со друга - потешка .... |
| do usa, 15.01.2013 09:44:16 | Abe USA dosta tuku toporis od daleku, ta vrati se vo majka zemja. Se e sega rozovo, nikako crveno, nema pionerski marami,nema TITA, nikoj ne te tera da ucis tugji nerazbirlivi jazici, nemas tugji, kleti politicari koi taka loso ti mislele....edna nevideno idilicna ekonomska, politicka, kulturna i individualna, gragjanska nezavisnost. Vredi da ja spodelis so nas, ili sepak ne, ha? I USA ne te promenilo, tipicen makedonec vo krvta, drugi da ti ja vojuvaat bitkata, a ti seir samo da gledas. |
| Баба Евда, 15.01.2013 10:32:23 | Тефљонче на баба , не само што жестоко се пресметуваат со неистомислениците во своите редови, туку и ги пикаат во зандани , со грчки заштитени сведоци (Брат-Сестра Љубе)! Добро што се сети и на Мартин Нешковски , и со него нешто се случи! Конечно и ти , ненамерно , да дадеш паметен коментар! |
| srebre, 15.01.2013 11:05:21 | do studentot od sofija vo pravo si ama koj den da slavime koga samo krademe og grcite istorija...mk zivere uste vo komunizmot ´bez da vleze vo eu nema demokratija..videte bugarija eden leckov koj bese najdobar fudbaler na edno svetsko prvenstvo stanal gradonacalnik na sliven pravel nezakonski raboti so nekoja firma za kanalizacija i vrsel pritisok ne nekoj politicar i videte dobil 2 godini zatvor....pa vo mk vavko nesto e sekojdnevnica nekoj si gradonacalnim ili politicar....pa nikoj ne dobil zatvor....kamoli li pa da dobie zatvor bivs najdobar svetski fudbaler...znaci demokratija na nula.. |
| Aleksandar Voinot, 15.01.2013 11:50:33 | Da zivee socijalizmot opstestvo koe mora povtorno da se vrati |
| НИКОЈ (млад човек -студент), 15.01.2013 23:31:19 | Ништо Вие не знаете ни за Социјализам ни за Комунизмот, а уште помалку за „комунизмот“ и тогаш...
Да имало некад негде комунизам, нит ќе имало класи нит држави. .ама ај.. толку очигледно сте читале..
Жалосно е што од денешна дистанца, сите вие (повеќемината секако) си го плукате се она што со години сте го создавале пред 1991 година (со или без книшка - затоа што пред 1945 овој народ овде бил жива голтарија и клошарана, едвај чекал да создаде нешто свое.. без разлика како било нарекувано)...
А да било тоталитарно (со оглед да одредена мала прогресивна група на луѓе застанала позади идејата да имаат своја држава), сигурен сум дека ништо немало да сте создале и да сте имале ко што имате сега и шетате по факинг САД и Канада...
Што е најжалосно, ни тогаш, а уште повеќе сега, не сте се ни обиделе да извршите некоја промена на „срањата“ околу Вас.
Се бре испрани мозоци од 1991 навака.. цццц
И жалам, ама Бранко и Грујо, т.е. СДС и Вмро(вцине) Вие ги создадовте и донесовте
|
|
|
|
|
|
„УТРИНСКИ ВЕСНИК“ ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИE
|
|
|
|
Време
|
Скопје, 5°C
Претежно облачно
|
Сабота
Замрзнат дожд
Макс: 6°C, Мин: -3°C
|
Недела
Сончево
Макс: 3°C, Мин: -4°C
|
|
|
|
|
|