14.01.2013, 16:15 Поглед
Од Вевчани вртат глава
Јасминка Павловска
До минатата година, да се биде во Вевчани на Василица, за време на прочуениот василичарски карневал, беше прашање на престиж за општествено - политичката елита на Македонија, како од позицијата, така и од опозицијата. Ништо помалку во тоа не заостануваше ниту дипломатскиот кор. Иако сите беа свесни за вевчанската непредвидлива и неограничена моќ за иронија и пародија без никаков пардон, на политичката елита присуството во Вевчани, можеби на некој начин и' беше доказ дека ете- можат да трпат и издржат иронични критики.
Но минатогодишниот „огнен ефект“, покажа дека македонското општество сепак нема толку голем хумористичен капацитет за маските на вевчанци, и уште пострашно дека ѓаволот ја однесе шегата. Една година не беше доволно да се заборават навреденоста на исламската заедница во Македонија од ланската вевчанска маска, а уште потешко е да се заборават палењата на македонските знамиња и христијанските цркви во западна Македонија.
Годинава Вевчанскиот карневал низ медиумите се очекуваше како настан со висок ризик, а се покажа дека такви биле очекувањата и на општествената елита. Градоначалникот на Вевчани, иако инсистираше на „независноста и слободарскиот ум на вевчанци“ во креирањето на маските, сепак апелираше на нивната мудрост. Дури и на свеченото отворање на карневалот нагласи дека нема да се почувствува одговорен доколку некоја од маските предизвика реакција кај луѓето кои не се од селото или од Македонија, зашто, според него, се' до свеченото дефиле, никој не знае какви маски ќе понудат василичарите.
Министерството за култура, иако го поддржа и оваа година карневалот со 1 милион денари, на свеченото отворање не се појави министерката за култура, туку нејзиниот заменик.
Вевчанци, според фотографиите и снимките во медиумите и годинава го искористија своето карневалско право да го превртат светот на глава, па беа општествено - политички провокативни со своите маски. Но политичките фактори во земјава очигледно решија годинава да ги игнорираат. Може се уплашија од пораките што ќе ги добијат таму, а кои можат да бидат непријатни.
|