09.02.2013, 11:49 Во САД вонредна состојба поради снежната бура „Немо“
Снежната бура Немо, која вчера изутрината почна да се движи кон североисточниот дел на САД добива во сила со секој изминат час поради што е воведена вонредна состојба во сојузните држави Конектикат, Роуд Ајленд, Масачусетс, Њујорк и Њу Хемпшир.
Во Конектикат без електрична енергија останаа 26 илјади домаќинства. На островот Лонг Ајленд невремето остави без електрична енергија речиси четири илјади жители. Поради невремето откажани се над четири илјади летови од сите аеродроми во Конектикат, Мејн, Масачусетс, Њу Хемпшир, Роуд Ајленд, Вермонт и Њујорк.
Бурата предизвика и голем број сообрајаќни несреќи, од кои најголемата беше во Мејн, каде 19 возила се судрија, а едно лице е повредено и хоспитализирано. Гувернерот на Масачусетс Патрик Девал воведе целосна забрана за движе��е по патиштата на сојузната држава. Гувернерот на Конектикат Дан Малој го забрани движењето само на главните магистрали. На секоја крстосница во Њујорк се поставени полицајци, кои им помагаат на возачите, чии возила се затрупани со снег.
Голем број државни службеници, но и вработени во приватни компании добија дозвола да останат во своите домови, а училиштата и универзитетите исто така се затворени.
Постои опасност од нови поплави во овие делови на САД, кои се уште закрепнуваат од налетот на ураганот Сенди и каде живат околу 40 милиони лица.
Бурата се очекува денеска да продожи да се движи од Филаделфија кон Њујорк и Бостон. Во градовите во Њу Џерси, Конектикат и Њујорк се очекува снежна покривка до 30 сантиметри, а во Бостон до сто.
Националната метеоролошка служба предупреди дека на места брзината на ветровите може да достигне до сто километри на час.
Бурата беше наречена Немо, по познатиот херој од романот на Жил Верн „Капетан Немо“, а името и беше дадено од Ведр Ченл (Weather Channel), кабелска телевизија, која емитува временски прогнози. Во принцип само тропските урагани добиваат имиња и тоа е задача на Националниот центар за ургани, кој по азбучен ред ги става традиционалните машки и женски имиња. Но метеоролошкиот ТВ канал од неодамна почна да им става имиња и на зимските бури како Атина, Брут, Цезар, Зевс.
Најмалку три лица починаа во налетот на снежната бура во јужниот дел на Онтарио. Бурата предизвика откажување на летови и затворање на училишта и универзитети во Канада.
Канадските метеоролози до крајот на денот очекува снежната покривка да достине до 25 сантиментри. Невремето беше причина за најмалку 350 сообраќајни несреќи во Торонто.
|