07.02.2013, 15:50 Евтината струја влезе во Парламентот
Започна комисиската расправа за предлогот на АМАН за враќање на евтината тарифа и за надоместокот за парно
Денеска во Собранието започна комисиската расправа по предлогот на граѓанската асоцијација АМАН за измени во Законот за енергетика. Законодавно-правната и Комисијата за економски прашања денеска го разгледуваа барањето на граѓаните да се врати дневната евтина тарифа на струјата и да се укине надоместокот од 10 денари од метар квадратен за парно што го плаќаат граѓаните иако не го користат ова греење.
Асоцијацијата АМАН пред една недела ги достави до Собранието собраните над 12.000 потписи од граѓаните. Тие се изјаснија дека сакаат измени во Законот за енергетика кои ќе значат враќање на евтината дневна тарифа на струјата што се укина во август минатата година. Освен тоа, се бара и укинување на обврската за плаќање надомест за парно греење од 10 денари од квадратен метар и покрај некористење на парното, што се применува од октомври минатата година, на барање на поранешна „Топлификација“. Овие новини се воведоа минатото лето откако се променија правилниците на ЕВН „Македонија“ и на „Топлификација“, а кои потоа ги усвои Регулаторната комисија за енергетика.
Како што неодамна изјавија од АМАН, токму затоа сега граѓаните сакаат да се вградат нивните барања во Законот, за да не може во иднина едноставно и брзо да се менуваат правилници на штета на граѓаните. Додадоа дека се надеваат оти пратениците, без разлика на кој политички блок му припаѓаат, треба да покажат разбирање и да се стават во заштита на интересите на граѓаните, односно дека работат за народот.
Иако крајниот рок на АМАН за собирање потписи беше утврден до 31 јануари годинава, над 10.000 потписи беа собрани уште на почетокот на јануари. Согласно законските правила, ако се соберат 10 илјади потписи на граѓани може да се бараат измени или донесување на нови зкаони од народните избраници.
Од есента, па се' до пред крајот на минатата година, граѓаните здружени во АМАН протестираа пред Регулаторната комисија за енергетика и други институции два пати неделно, во вторник и во сабота, во Скопје и во други градови во земјава. Јавно, со транспаренти го искажуваа револтот од рестечките цени на горивата, парното, струјата, укинувањето на дневната евтина тарифа на струјата и обврската за плаќање на надоместокот за парно за што Уставниот суд се' уште не се произнел.
Ако предложените измени на Законот за енергетика поминат во матичните комисии, потоа на пленарна седница претставник од АМАН треба да ја брани оправданоста за барањата. Но, последниот, одлучувачки збор ќе го имаат пратениците. Тие ќе пресечат дали повторно ќе имаме евтина струја од 13 до 16 часот и дали ќе престанат да се плаќаат сметки за парно и во случаи кога не се користи ова греење. (М.Т.) |