05.02.2013, 15:49 Жените бараат флексибилно работно време
Околу 35,3 отсто од жените во Македонија се вработени, а 31,1 отсто бараат работа. Oвој процент во земјите на ЕУ е далеку повисок, односно 59 отсто од женската популација се вработени. За да има што повеќе жени на пазарот на трудот потребно е да се направи баланс меѓу нивниот професионален и приватен живот, да постои поголема поддршка од семејството, работодавачите и државата. На оваа тема денеска расправаше Комисијата за еднакви можности меѓу мажите и жените во рамки на Европската стратегија за економско јакнење на жените 2020.
Според искуствата што ги пренесоа жените кои биле на менаџерски позиции, но имале улога и на мајки, најголем проблем е грижата за децата досека се тие на работа, имајќи предвид дека градинките не работат подоцна. Укажаа дека има работни места каде се работи и во втора смена и дека во тој случа�� родителите немаат каде да ги остават децата.
Антоанета Кирова-Веселиновска, од „Офис плус“ рече дека нивната компанија има намера да опреми две простории каде што ќе бидат згрижени децата на вработените.
Даниела Димитриевска од Македонското женско лоби порача дека меѓу мерките за економски развој на жените може да биде и флексибилно работно време. „Флексибилно работно време би се однесувало на двата пола. Бидејќи има жени кои сакаат да се посветат на кариерата, па можеби нивниот сопруг ќе сака повеќе да му се посвети на семејството“, рече Димитриевска.
Во однос на почетокот на работното време повеќе менаџерки и вработени жени истакнаа дека е подобро тоа да започнува порано за тие да можат да се вратат порано и да стасаат да си ги земат своите деца од училиште или од градинка и да имаат повеќе време за семејството. Според Димитриевска, меѓу другото, има и потреба од промена на работното време на градинките и сервисите за чување деца. (Ек.Р.) |