07.02.2013, 13:08 Англија го победи Бразил по 23 години
Пораз за Сколари во кам-бекот на клупата на Бразилците, „Гордиот Албион“ славеше со 2:1
Велат кој чека ќе дочека. На репрезентацијата на Англија и беа потребни долги 23 години за да го совлада петкратниот светски шампион Бразил. Избраниците на Рој Хоџсон на преполниот „Вембли“ ги совладаа Бразилците со 2:1 во пријателски натпревар кој за „Гордиот албион“ беше генерална проба пред продолжението на квалификациите за Мундијалот 2014 година во Бразил. Од друга страна за „Селесао“ неуспешно деби имаше повратникот на клупата Луис Фелипе Сколари, кој пред неколку месеци го замени Мано Менезес.
Инаку во интересен натпревар исполнет со многу шанси на двете страни, Англија ја забележа четвртата победа над Браз��л во 24. меѓусебен дуел.
Во 19. минута Џо Харт ја спасуваше Англија кога Бразилците добија пенал по играњето со рака на Џек Вилшир во казнениот простор. Голманот на Манчестер Сити ги собра аплаузите со тоа што прво го одбрани ударот на Роналдињо од белата точка, а потоа интервенираше и по одбиената топка. Потоа Вилшир одлично ја измами дефанзивата на Бразил и го проигра Волкот, кој, за жал, не успеа да го совлада Жулио Цезар, меѓутоа одбиената топка дојде до Вејн Руни на кого не му беше тешко да ја спроведе во мрежата за 1:0. Неколку минути подоцна Гери Кејхил згреши во изнесувањето на топката, а таа дојде до Фред, кој со шут од далечина го совлада Харт (1:1). Во следната минута во исфрлување на топката погреши англискиот голман, а Фред ја погоди гредата. Иницијативата на Англија во продолжението од натпреварот даде плод во 60. минута кога Лампард со лукав шут од 17 метри го погоди голот на немоќниот Цезар и ги постави конечните 2:1. До крајот Англичаните максимално ја задржуваа топката и ги спречуваа сите акции на Бразилците, па така дојде и победата.
Дебакл на Катанец со Словенија
Поранешниот селектор на Македонија Среќко Катанец имаше лошо деби на клупата на словенечката репрезентација. Тренерот кој ја однесе Словенија на ЕП во 2000 и СП во 2002 година ја презеде одговорноста и повторно седна на клупата на оваа репрезентација, меѓутоа во првиот натпревар доживеа убедлив пораз од БиХ, и тоа на домашен терен. Неговиот претпознатлив систем со тројца одбранбени играчи не успеа против Босанците. Заедно со овој натпревар Словенија со Катанец како селектор има 18 победи, 16 нерешени и 13 порази.
„Резултатот не ме интересира. Видов некои добри работи и добив некои корисни информации, што и ми беше целта на овој пријателски меч. Имавме добри можности кои не ги искористивме, меѓутоа не сум разочаран од резултатот бидејќи играта беше добра во одредени моменти. Мислам дека на следниот натпревар против Исланд ќе биде поинаку. Ќе ги поправиме лошите работи“, изјави Катанец.
Словачка ја изнамачи Белгија
Резултати од пријателските средби: Луксмебург - Ерменија 1:1, Сенегал - Гвинеја 1:1, Јапонија - Летонија 3:0, Индија - Палестина 2:4, Азербејџан - Лихтенштајн 1:0, Хрватска - Јужна Кореја 4:0, Молдавија - Казахстан 1:3, Белорусија - Унгарија 1:1, Кипар - Србија 1:3, Норвешка - Украина 0:2, Словенија - БиХ 0:3, Албанија - Грузија 1:2, Шпанија - Уругвај 3:1, Турција - Чешка 0:2, Малта - С. Ирска 0:0, Израел - Финска 2:1, Англија - Бразил 2:1, Грција - Швајцарија 0:0, Исланд - Русија 0:2, Холандија - Италија 1:1, Шведска - Аргентина 2:3, Белгија - Словачка 2:1, Ирска - Полска 2:0, Шкотска - Естонија 1:0, Велс - Австрија 2:1, Франција - Германија 1:2, Романија - Австралија 3:2, Чиле - Египет 2:1, Парагвај - Ел Салвадор 3:0, Португалија - Еквадор 2;3, Трин. и Тоб. - Перу 0:2, Боливија - Хаити 2:1, Гватамала - Колумбија 1:4.
|