08.02.2013, 15:50 Нова лабораторија за компјутерска форензика во МВР
Премиерот Никола Груевски и министерот за образование и наука Панче Кралев денеска присуствуваа на промоција на лабораторијата за информатичко-криминалистички испитувања, инсталирана во Министерството за внатрешни работи.
Со владиниот проект за хардверско и софтверско опремување во областа на компјутерската форензика се набавени голем број хардверски и софтверски компоненти. Поголемиот дел вклучуваат набавка на форензички станици за работа во лабораториски услови, набавка на лап топ компјутери кои се користат претежно во теренски услови, на ултраблок китови кои се состојат од врајт блокери во различни видови медиуми доставени за анализа, како и форензички софтвери кои се користат за анализа на компјутерска опрема што е предмет на кривични дела.
Со набавката на новата опрема, нагласи Катерина Јовановска, раководител на отсекот за информатичко-криминалистички испитувања во делот за криминалистичка техника при МВР, се очекува анализата на компјутерската опрема да се врши поефикасно навремено, а вештачењата што се изработуваат ќе бидат покомплетни за пред судските органи.
Оваа лабораторија се уште е во својот развој, истакна таа, а развојот на информатичката технологија доведе до појава на различни видови уреди и медиуми неопходни за анализа. Јовановска смета дека е потребно лабораторијата континуирано да се развива не само со набавка на хардверски и софтверски компоненти, туку и со обука на кадри. Се очекува во иднина лабораторијата да прерасне во акредитирана лабораторија на ниво на оние кои работат во останатите европски земји.
Отсекот за информатичко-криминалистички испитувања во МВР врши анализа на компјутерска опрема што е предмет на кривични дела. Целта на овие анализи е да се пронајдат електронските докази, да се интерпретираат пред судските органи за нивна понатамошна постапка.
|