06.02.2013, 21:49 Митинг на „Сојузот за иднината“ во Тетово
Гојко Ефтоски
Тетово - Доцна вечерва во Тетово се одржа митинг на здружената коалиција "Сојуз за иднината". Предводени од неколку лидери на партии во Сојузот, на чело со Бранко Црвенковски, учесниците на "Отпорот против режимот" поминаа по неколку најважни сообраќајници во централното градско подрачје. На насобраните потоа им се обратија неколкумина. Поздравувани од случајни минувачи и многу луѓе излезени на балкони и прозорци. Лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски градот Тетово го нарече "седиште на вистината", а посетителите "бранители на вистината" и "борци за уставноста и демократијата". "Станавме партиско полициска држава во која власта ја има група на луѓе. Седум години не лажат и манипулираат. Го лажеа народот дека многу милијардери од светот, од Индија и Катар и од многу други земји, одвај чек��ат овде да истурат купишта пари. Таа група се однесува како Македонија да им е приватна сопственост, а народот живее во беда. Седум години на криминален начин ги трошат народните пари, стотици милиони евра вложија во камења, делејќи по половина во нивните џебови", нагласи Бранко Црвенковски.
Лидерот на СДСМ не прошушти прилика од собирот во Тетово да упати порака и до Албанците. "Овие од власта велат дека Македонија е проблем на Македонците. Ве лажат, ве манипулираат. Слободата и демократијата немаат етнички бои. Денес им е тешко на секој човек во Македонија - и на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Власите... Парите што завршуваат во приватни џебови немаат етничка боја. Македонија е заедничка држава, а проблемите се заеднички и борбата е заедничка. Да се фатиме рака за рака против сите што ни ја уништуваат иднината. Оваа држава не припаѓа ниту на СДСМ, ниту на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на Бранко, ниту на Грујо. Таа е на народот. Историска потреба е народот да реши за оваа земја, народот да одлучи. Македонија бара избори за победа на Македонија", рече Црвенковски.
"Земјата живее во диктатура. Диктатурата не може сама да се сруши. Како што нас пратениците не исфрлија на улица, од улицата им испраќаме порака: Нека си одат. Владата диктира "пендрек буџет". Зрело е за избори. Нема дилеми. На нашата земја и требаат предвремени парламентарни избори. Ги депониравме нашите оставки за доброто на Македонија, зашто знаеме дека демократијата има шанси во Македонија", рече Тито Петковски, лидерот на НСДП. Петковски нагласи дека оваа власт ја оддалечува земјата од цивилизираниот свет, "а тој што ја води Владата, тој не сака Македонија во ЕУ и НАТО. Оваа земја го остава Груевски во историјата. Наша желба е сите слободно да живееме, да градиме демократска држава", рече Тито Петковски.
На митингот "Сојуз за иднината" претходеа обраќања на неколкумина тетовци: Саше Серафимовски, Рената Бојаровска, Дарко Бошковски и пратеникот од Тетово Стојко Пауновски. Сите тие побараа предвремени парламентарни избори, народот да одлучи за иднината на земјата, да се стави крај на сите лаги и манипулации, а побараа и поодговорно однесување кон потребите на жителите на овој град.
|