07.02.2013, 13:04 Во резервна гума од автомобил скрил дрога
Околу два килограми марихуана се запленети на граничниот премин Табановце. Мобилната царинска екипа ја откри дрогата вчера околу 18 часот во резервната гума на автомобил „опел омега“, управуван од бугарски државјанин. Утврдено е дека Бугаринот ја транспортирал марихуаната од Грција, а крајната дестинација била Германија, каде што работел во градежна фирма, чиј сопственик е косовски државјанин.
Како што соопшти Царинската управа, возилото било селектирано за детална контрола. При контрола извршена со рачен алат за мерење на внатрешната густина на предмети „бустер“, забележана е зголемена густина во еден дел од резервното тркало сместено во багажниот простор. Поради тоа, извршена е и дополнителна контрола со обучено куче.
Гумата била исечена и во нејзината внатрешност се пронајдени две пакувања облепени со кафена самолеплива лента. Против бугарскиот државјанин ќе следува кривична пријава.
Ова е петти случај на откриен шверц на марихуана од почетокот на годината, при што се запленети околу половина тон дрога. (Г.А.)
|