09.02.2013, 15:05 Истрагата за „кингерот“ треба да заврши за шест до 12 месеци
Ова денеска на прес-конференција во Скопје го соопшти главниот истражител за повторно отворената истрага, Омер Кулиќ
Од шест до 12 месеци се очекува да трае повторно отворената истрага за авионската несреќа во која загина претседателот на Република Македонија Борис Трајковски. Петнаесетчлениот меѓународен тим го сочинуваат експерти од БиХ, Хрватска, Србија, како и од Македонија, а нивните имиња нема да бидат соопштени на јавноста со цел да се избегне евентуално влијание врз нивната работа. Ова го соопшти денеска на прес-конференција во Скопје главниот истражител за повторно отворената истрага за „кингерот“ Омер Кулиќ.
- Сметаме дека овој тим ќе биде објективен, коректен и професионален. Имињата на луѓето вклучени во тимот нема да и бидат познати на јавноста за евентуално да не може да се влијае врз истражителите. Го сочинуваат седум воздухопловни инженери, тројца пилоти, двајца контролори и двајца дизајнери на воздухопловни процедури. Сметаме дека тој тим е доволно стручен за да ја изврши работата коректно, рече Кулиќ.
Според него, извештајот од првичната истрага не задоволува затоа што е завршена за многу брзо време од неполни два месеца што, оценува, е многу брзо за ваква обемна истрага. Очекува повторената истрага согласно доставените материјали да биде завршена до крајот на годинава, а за нејзиниот тек на секои два месеца македонската јавност ќе биде информирана.
- Оваа Комисија не ја утврдува вината и одговорната особа, туку фактите и тоа како дошло до несреќата. За тоа дали во таа несреќа постои одговорно лице или лица и дали ќе бидат процесуирани за тоа ќе одлучува обвинителството. Штом биде готов извештајот ќе биде доставен на обвинителството и на веб-страницата на Министерството за транспорт и врски на БиХ, рече Кулиќ.
Тој прецизира дека предмет на истрага во Македонија ќе биде операторот односно организацијата која тогаш управувала со потребите за авиопревоз на Владата и Дирекцијата за цивилно воздухопловство. Во Босна ќе бидат истражувани навигациските средства на аеродромот во Мостар, процедурите кои биле применети на тој аеродром и самото место на несреќата. Во текот на истрагата ќе биде направена симулација на целиот лет со истиот тип на авион онака како што се случи за време на несреќата. Ќе бидат вештачени инструментите во авионот кои биле калибрирани во Белград и авиосервисот во Германија каде „кингерот“ бил сервисиран.
Кулиќ упати апел до македонската јавност кој има какви било сознанија вредни за истрагата да и ги достави на оваа Комисија во текот на истрагата оти по нејзиното завршување тие нема да бидат релевантни, потсетувајќи дека прикривањето на докази претставува кривично дело.
На новинарско прашање како ја оценува првата истрага, повтори дека таа била направена многу брзо од два месеца, најверојатно поради притисок од јавноста поради што не било можно, како што вели, да се соберат сите докази.
Во врска со тврдењата на адвокатот на семејствата на загинатите Игњат Панчевски дека располага со докази и оти досега никој лично не го контактирал, Сотир Костов, кој е претставник на Комитетот за воздухопловни инциденти на Република Македонија и е набљудувач - претставник на државата во оваа истрага, рече дека во 2009 година во два наврати се сретнал со него и му предложил да ги достави доказите до МВР и до обвинителството, но тој тоа го одбил.
- Нема да ги коментирам причините зошто, бидејќи тој не е присутен во моментот. Ќе направиме напори деновиве да обезбедам средба на адвокатот за да му ги достави тие докази на надлежниот главен истражител, рече Костов кој за време на првата истрага беше претседател на Комисијата која ја водеше постапката за прибирање докази за несреќата.
|