10.02.2013, 13:47 Баерн граби кон титулата
Баварците го декласираа Шалке со 4:0, а шампионот Борусија загуби во Дортмунд со 4:1 од Хамбургер, па сега разликата е 15 бода
Баерн Минхен продолжува со доминантната игра и резултатите во германската Бундес-лига, откако убедливо со 4:0 славеше против Шалке во меч кој некогаш беше дерби во Германија. Во корист на баварскиот гигант беа и резултатите на неговите ривали. Актуелниот првак Борусија Дортмунд на свој терен загуби со 1:4, а Баер Леверкузен на гости одигра нерешено 3:3 против Борусија Менхенгладбах. По 21. меч во првенството Баерн има малку веројатно достижни 15 бода пред шампионот Дортмунд, а дури 16 повеќе од Баер.
Баерн Минхен само формално треба да ги одработи преостанатите 13 ��еча во првенството и по три години повторно да се израдува на титулата во првенството. Баварците уште еднаш ја покажаа силата и со убедливи 4:0 го победија Шалке. Тренерот на домаќините Јуп Хејнкес реши на овој меч во нападот шанса да им даде на Гомез и Робен, а Манџукиќ и Милер останаа на клупата. И со ваквата двојка во нападот, фаворитот немаше проблеми да ја тресе противничката мрежа, па гостинот од Гелзенкирхен со замина со четири „парчиња“ во својата мрежа.
„Играчите што беа на теренот покажаа колку лесен може да биде фудбалот. Игравме против силен тим, а на теренот се' изгледаше така лесно. Задоволство ми е да работам со овој тим. Играчите имаат само една цел, а тоа е да ја освојат титулата. Треба да продолжиме да работиме во исто темпо“, вели тренерот на Баерн, Хејнкес.
За разлика од Баерн, двете екипи кои може да се рече дека му се ривали во трката за освојување на титулата, Борусија Дортмунд и Баер Леверкузен, киксираа. „Милионерите“ на свој терен во Дортмунд поведоа со 1:0 против Хамбургер, но на крајот загубија убедливо со 1:4. За само 12 минути откако примија гол, Хамбургер постигна два погодоци и најави дека планира победнички да се врати од „Сигнал Идуна парк“. Домаќините од 31. минута останаа и без напаѓачот Левандовски, кој доби црвен картон. Во 60. минута црвен доби и гостинскиот играч Брума, но и кога двете екипи останаа со по 10 играчи на теренот гостите постигнаа нови два гола за убедлив триумф и ставање крај на надежите на Борусија дека може да стигне до третата титула во првенството во низа.
„Мечот беше чудна приказна. Хамбургер се врати по негативата, а потоа ние останавме со играч помалку. Крајот на приказната беше несреќен за нас, а Хамбургер покажа дека е одличен тим“, рече тренерот на Борусија, Јирген Клоп, кој не сакаше да ги критикува своите играчи.
Баер Левекрузен испушти шанса да се врати на второто место на табелата, откако одигра 3:3 на гости кај Менхенгладбах. „Фармацевтите“ два пати се враќаа од негатива, а потоа до три минути пред крајот имаа предност, но сепак на крајот мораа да се задоволат само со еден бод. Ниту четвртопласираниот Ајнтрахт не се израдува на победа, откако пред своите навивачи одигра без голови против Нирнберг. Ако Баерн е речиси сигурен првак, многу јасна е и ситуацијата на дното, каде што Хофенхајм, Аугзбург и Гројтер Фурт се „заковани“ на последните три позиции.
Ефиксно реми во Менхенгладбах
Резултати од 21. коло: Борусија Дортмунд - Хамбургер 1:4, Ајнтрахт - Нирнберг 0:0, Хановер - Хофенхајм 1:0, Борусија Менхенгладбах - Баер Леверкузен 3:3, Штутгарт - Вердер 1:4, Гројтер Фирт - Волфсбург 0:1, Баерн Минхен - Шалке 4:0. Синоќа: Аугзбург - Мајнц и Фрајбург - Фортуна.
Табела: Баерн (М) 54, Борусија (Д) 39, Баер (Л) 38, Ајнтрахт 37, Хамбургер 31, Мајнц 30 (-1), Борусија (М) 30, Хановер 29, Шалке 29, Фрајбург 28 (-1) итн. |