12.02.2013, 09:39 Обама: Нуклеарната проба на Пјонгјанг е закана за меѓународниот мир
Американскиот претседател истакна дека Вашингтон ќе ги преземе потребните мерки за своја заштита, како и на сојузниците
Американскиот претседател Барак Обама ја осуди денеска нуклеарната проба на Северна Кореја, оценувајќи ја како „провокативна“ и нагласи дека таа претставува закана за САД и за меѓународниот мир и безбедност.
- Нуклеарното оружје на изолираниот режим и неговата ракетна програма се нарушување на меѓународните договори и тие претставуваа закана за националната безбедост на САД и за меѓународниот мир и безбедност, истакна американскиот претседател.
Тој истакна дека САД ќе продолжат да ги преземаат потребните мерки за своја заштита, како и за заштита на нивните сојузници. - Ќе ја зајакнеме тесната соработка со нашите сојузници и партнери за преземање решителни чекори, се наведува во изјавата на Обама.
- Тие провокации не ја прават Северна Кореја побезбедна, додаде Обама како одговор на тврдењата на Пјонгјанг дека целта на нуклеарата проба била „да се заштитат национаната безбедност и суверенитетот“ на земјата „поради непријателската политика на САД“.
Според Обама заканата, која произлегува од од првокативните дејствија на Северна Кореја бара да бидат преземени брзи и решителни чекори од страна на меѓународната заедница.
Британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг исто така ја осуди нуклеарната проба, нагласувајќи оти „Северна Кореја има избор“.
- Или може конструктивно да соработува со меѓународната заедница, да го спречи развивањето на нејзината нуклеарна и ракетна програма и да се врати на преговоите, или може да се соочи со зголемена изолација и натамошни мерки од страна на Советот за безбедност на ОН и меѓународната заедица, нагласи Хејг.
|