14.02.2013, 15:25 „Нинџа“ има алиби дека не пукал во сведокот од „Детонатор“
Во скопскиот кривичен суд сведочеа двајца од обвинетите за обидот за убиство на Драганчо Стојменов
Љубиша Станковиќ
„Јас сум човек кој има завршено воено-полициска обука. Како припадник на полициска единица во 2001 година бев на браникот на татковината. Активeн член сум на ловно друштво и на стрелачкииот клуб ’Таргет’. Доколку навистина сум пукал во Драганчо Стојменов од оддалеченост од 1,5 метри, како што тоа го тврди Обвинителството, тогаш тој немаше да биде жив“, изјави Александар Василевски- „Нинџа“, првообвинет за настанот кој се случи на втори декември минатата година, кога беше извршен обид за убиство на Стојменов.
Василевски во скопскиот кривичен суд, посведочи дека оштетениот го познава десетина години и дека со него немал никакви недоразбирања. За критичниот ден Василевски рече дека бил на роденден на сопругата на негов пријател и дека таму се задржал до полноќ, но дека таа ноќ немал никакви телефонски контакти со сега второобвниетиот Никола Митревски викан „Кољо“. Всушност, Василевски до детали ги опиша случувањата од втори декември и во целост ги отфрли наводите на обвинителниот акт со кој тој се товари за обид за убиство.
Александар Василевски-Нинџа, пред само една седмица беше спроведен од затворот „Скопје“ за да сведочи во предметот наречен „Ровер“ во кој обвинет е и екс-министерот Љубе Бошкоски. Драганчо Стојменов, пак, е клучната фигура во судскиот предмет „Детонатор“, односно тој повторно се јавува и како сведок и како оштетен, но тој денеска не се појави на закажаното судење.
„Нинџа не е ниту виновен, ниту должен. Човекот не беше на местото. Јас само сакам Драганчо да дојде во судот и да ја каже вистината“, рече уште на самиот почеток на своето сведочење второбвинетиот Никола Митревски. Тој посведочи дека тој бил жртва на напад со огнено оружје, а не како што тврди обвинителството. Рече дека критичната вечер бил во населбата Аеродром и дека кога излегол од такси-возило бил повикан од Стојменов. Во разговорот со Стојменов, Митревски се интересирал за некој негов познаник кој бил грабнат и тепан, на што му му било одговорено дека за претепувањето оштетениот поседувал и видео-запис. До стрелба дошло, наводно, откако Митревски одбил да дојде во станот на Стојменов, но според него токму оштетениот бил тој кој посегнал по огнено оружје.
„Видов кога Стојменов од појасот извади пиштол. Беше на еден метар од мене. Реагирав така што со рака ја фатив неговата десна рака, во која тој го држеше пиштолот. Тогаш и дојде до пукање. Јас не пукав, бидејќи и немав оружје, а потоа се дадов во бегство и на крајот си заминав со такси“, посведочи Никола Митревски.
„Прв пат во животот ги гледам овие двајца! рече таксистот и сведок Мирко Јадровски кога судот му наложи да изврши препознавање на лицата кои што критичната вечер се возеле од Аеродром до Автокоманда. „Можеби некогаш и сум ги возел, но јас дневно возам и по 50 патници. Беше ноќ, а и за возење кое трае пет минути не сум можел да ги видам, но знам дека момчето кое седеше до мене имаше густа коса“, изјави сведокот и кажа дека тој со сигурност не можел да ги препознае лицата и кога бил повикан на препзнавање во МВР.
За критичната ноќ алиби на Василевски не само што му обезбеди неговата сопруга која во целост го потврди неговото кажување, туку и брачната двојка кај која тие биле таа ноќ. Со оглед на тоа што на суедењето не се појави оштетениот Драганчо Стојменов процесот не можеше да продолжи и затоа ќе следи ново продолжение да десетина дена. На судењето беа присутни и судии од САД, а во делегацијата имаше и судија од Лос Анџелес и од Федералниот суд во Вашингтон. |