14.02.2013, 18:24 Викторија Нуланд на местото на Филип Гордон
Нуланд, како амбасадор на САД во НАТО, беше многу активна околу преговорите за спорот за името меѓу Македонија и Грција
Вашингтон - Од рокадите кои се планираат во американскиот Стејт департмент по заминувањето на државниот секретар Хилари Клинтон, за Македонија најзначајно е очекуваното заминување на помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања Филип Гордон, чиј ресор е задолжен и за Македонија.
Вашингтон пост објави дека Гордон веројатно ќе биде преместен во Советот за национална безбедност на претседателот, отворајќи простор за новиот државен секретар Џон Кери да донесе поблизок помошник. Една од можните замени на Гордон е портпаролот на Стејт департментот Викторија Нуланд, која добро ја познава Македонија и работеше со нашата земја како поранешен американски амбасадор во НАТО во времето на самитот во Букурешт. Нуланд е омилен дипломат во Стејт департментот, и високо котира независно од тоа дали републиканците или демократите се на власт. Во времето на државниот секретар Медлин Олбрајт, таа беше шеф на кабинетот на заменикот државен секретар Строуб Талбот. По доаѓањето на претседателот Џорџ В. Буш на власт, Нуланд го советуваше потпретседателот Дик Чејни, за од 2005 година да биде именувана за амбасадор во НАТО и во тоа својство беше активна околу преговорите за наоѓање решение за спорот за името.
|