13.02.2013, 14:39 Нова месна афера во Британија - свинско наместо говедско
Истрагата што британските власти ја водат околу аферата со коњско месо, ќе се прошри и ќе се засили
Додека во Велика Британија се` уште трае аферата поврзана со коњското месо продавано како телешко, на повидок е нова бидејќи ланецот супермаркети „Вејтроз“ најави повлекување на замрзнати телешки ќофтиња во кои се пронајдени траги од свинско месо.
По повикот на Агенцијата за прехранбени стандарди во Велика Британија упатен до сите поголеми доставувачи на месо да се спроведат итни тестови за сите говедски производи за присуство на коњско месо, се огласи ланецот супермаркети „Вејтроз“.
Управата на „Вејтроз“ соопшти дека ги повлекува сите замрзнати јадења со телешки ќофтиња во кои се пронајдени траги од свинско.
Британската агенција за безбедност на храната соопшти дека вчера заедно со британската полиција спроведе истрага во една англиска месарница и ирска фабрика за кои постои сомневање дека биле снабдувачи на телешкото за ќебапи и хамбургери во кои се пронајдени трагите од коњско месо.
Скандалот изби на 31 јануари 2012 година, кога гигантот за брза храна Бургер Кинг откри дека некои од неговите производи се контаминирани со коњско месо. Потоа на 16 јануари Ирската агенција за безбедност на храната објави дека на британските супермаркети им се испорачани говедски хамбургери со траги од коњска ДНК, кога од продажба се повлечени десет милиони пакувања, за да на 4 февруари биде прекинато производството во уште една ирска компанија за производство на месо.
Истрагата за аферата со коњско месо во Велика Британија се проширува
Истрагата што британските власти ја водат околу аферата со коњско месо, ќе се прошри и ќе се засили изјави денеска претставник на Агенцијата за стандард во исхраната (ФСА), инсистирајќи дека нема да се попушти во настојувањето да се утврди обемот на аферата и да се најдат и казнат виновниците.
Министерот за аграр и за човекова околина Овен Патерсон кој денеска престојува во Брисел, на состанокот на европските министри за земјоделство, рече дека во истрагата ќе се вклучи и полицијата која ќе треба да ја испита кривичната одговорност во аферата, со подметнување на коњско месо во производите со говедско месо. Она што сегашната истрага треба да открие е дали станува збор за грешка во синџирот на снабдување со месни производи, или сето тоа е изведено намерно.
Некои лондонски весници објаснуваат дека аферата е само последица на трката за евтина храна, за поевтинувањето на исхраната, но и за задржување на профиот на компаниите од месната и прехранбената индустрија.
Изјавите на Агенцијата за стандарди во исхраната и на министерот Патерсон, доаѓаат по истрагата што е направена во една кланица во Западен Јоркшир и на една фирма за месо во Велс.
Двете локации беа темелно претресени, а целата нивна документација беше запленета. Двата објекти привремено се затворени, откако една британска фирма за дистрибуција на бургери од говедско месо потврди дека во пратката што ја примила во јануари, бургерите биле „полни“ со коњско месо.
Коњското месо не е штетно, но потрошувачите се измамени, а фирмите имаат поголем профит, ако наместо говедско, користат коњско месо. |