14.02.2013, 13:19 Тотенхем во лов на „лавови“
Лион гостува на „Вајт Харт Лејн“ во првиот меѓусебен дуел со Спарси по 46 години
По возбудувањата во Лигата на шампионите фудбалот е насочен кон Лигата на Европа каде што денеска ќе се одиграат првите натпревари од првиот елиминациски круг, во кој се 64 екипи. На „Вајт Харт Лејн“ во Лондон ќе се одигра натпреварот меѓу Тотенхем и Лион, две екипи, поранешни учесници во Лигата на шампионите, но и со богато минато. Двата клуба пред 46 години имаа двобој во второто коло во поранешниот Куп на победници на куповите, а во трилер-натпревар Лион успеа да го елиминира лондонскиот клуб благодарение на повеќе голови на гости. Меѓутоа, денешниот дуел ќе биде поинаков од тој, бидејќи играат сосема поинакви фудбалери со сосема поинакви размислувања, а и ��удбалот е доста променет од тогаш.
Лион, кој е седумкратен француски првак, доаѓа во Лондон по позитивен резултат, иако е свесен дека Тотенхем е исклучително силен на домашен терен. „Спарси“ негуваат брз и напаѓачки фудбал од нив се очекува истото и вечерва, но и Лион досега не се бранеше на гостинските натпревари, па ако го одржат истиот ритам, тогаш со право очекуваме атомски фудбал на „Вајт Харт Лејн“.
Фудбалот знае да создава интересни, непредвидливи и неверојатни приказни. Само неколку месеци откако се пресели во Лондон францускиот голман Хуго Јорис ќе се пресмета со поранешната екипа. Јорис помина четири години во Лион меѓу 2008 и 2012, а сега ќе го чува голот на Тотенхем против своите поранешни соиграчи.
„Уште по ждрепката ми се јавија многу пријатели и колеги да ме прашаат за Тотенхем. Се' уште ги одржувам врските со нив и нема да ми биде лесно вечерва бидејќи на теренот ќе треба да се однесувам како непријател. Тоа е фудбалот, мораш да дадеш се' од себе за клубот во кој настапуваш, а не смееш да го фаворизираш омилениот. Се надевам дека ќе победиме и ќе одиме во следното коло. Што се однесува до турнирот, тој е доста долг и патот до финалето е многу тежок бидејќи играат многу силни екипи. Но мислам дека имаме добар тим кој може далеку да стигне“, изјави Јорис.
За францускиот тим игра Стид Малбранк, кој мина две сезони во Тотенхем (2006 до 2008). Овој искусен фудбалер од средината на теренот одлично се вклопи во Лион и е еден од главните двигатели на играта во овој клуб.
|