12.02.2013, 13:46 Селтикси запрени во Шарлот
Бобкетси ја прекинаа серијата од седум порази, славејќи со 94:91 против „келтите“, кои имаа седум победи во низа
Шарлот влезе со седум порази, Бостон со седум победи по ред во меѓусебниот судир во понеделникот вечерта, но и двете серии завршија. Само 24 часа откако ја победија екипата во најдобра форма во лигата (Денвер), кошаркарите на Бостон не успеаја да се справат со најслабиот тим во НБА. Шарлот не ја изневери својата публика и ги совлада Селтикси со 94:91 запишувајќи ја само 12. победа во 51. натпревар. На 60-ина секунди до крајот Бостон водеше 91:87 и не изгледаше дека ќе го испушти мечот од раце. Меѓутоа, дотогаш, проблематичниот шут на Бобкетси како да ги најде вистинските параметри, па Џералд Хендерсон погоди тројка, Рамон Сешнс стрелаше за два, а Кемба Вокер не погреши од линијата за слободни за тотален пресврт до крајот.
„Во последните шест напади ни требаше совршенство и ние го сторивме тоа. Кемба ги погоди слободните, тројката на Џералд ни даде живот, а Рамон не згреши кога требаше. Беше убаво да се види како функционираме на двете страни од теренот, не само во нападот. Всушност, одбраната ја направи разликата“, даде свој коментар Мајк Данлоп, тренер на Бобкетси. Најдобар на паркетот беше Бајрон Маленс со 25 поени и 18 скока. Кевин Гарнет оствари дабл-дабл со 16 поени и 13 скока, но тоа беше премалку за Селтикси да го избегнат првиот пораз откако поради повреда го загубија Ражон Рондо.
Сан Антонио ја покажа својата моќ и без големата тројка. Во Чикаго ги совлада Булси со 103:89 без повредените Тони Паркер, Тим Данкан и Ману Џинобили, а од стартната петорка недостасуваше и Стивен Џексон. Спарси ги искористија осцилациите на Чикаго во втората и во четвртата четвртина, добивајќи ги двете, комбинирано, со 22 поени разлика. Лидерската улога ја презеде Коуи Ленард со 26 поени. Гостински триумф прославија и Клиперси, со 107:90 кај Филаделфија, а Крис Пол се истакна со 21 поен и 11 асистенции. Разочарани си заминаа навивачите во Далас, по поразот на Мавси од Атланта со 105:101.
Резултати: Шарлот - Бостон 94:91, Кливленд - Минесота 92:100, Индијана - Бруклин 84:89 по продолжение, Филаделфија - Л.А. Клиперс 90:107, Детроит - Њу Орлеанс 86:105, Чикаго - Сан Антонио 89:103, Милвоки - Вашингтон 90:102, Далас - Атланта 101:105. |