14.02.2013, 16:01 Македонија пред украинските бизнисмени
Пред бизнисмени од Дњепропетровск, владина делегација предводена од вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, која е во Укарина, ги презентира можностите за инвестиции во Македонија. Најголем интерес беше искажан за инвестиции во областа на туризмот, земјоделство, производствени дејности, особено во машинската индустрија, рударство, градежништво и енергетика. Првиот ден од посетата економските потенцијали на државата беа претставени пред киевските бизнисмени.
Вицепремиерот заедно со владината делегација денеска имаа и средба со губернаторот на Дњепропетровск и неговиот економски тим, на која беше истакната важноста од зголемување на економската соработка. Тие ја искажаа нивната заинтересираност за потпишување меморандум за соработка меѓу нивната Агенција за инвестиции и Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони. На средбата вицепремиерот Ставрески покани делегација од Дњепропетровск со бизнисмени да дојдат во Македонија за да ги видат можностите за соработка, трговија и инвестиции.
Владина делегација, во чиј состав се и министерот без ресор за привлекување странски инвестиции Бил Павлески и директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо, утре треба да се сретнат со губернаторот на Доњецк и неговиот економски тим и ќе има презентација на Македонија пред инвеститори од Доњецк.
Депропетровск и Доњецк се двете најразвиени економии во Украина. За ова говори и фактот што за само десет месеци од минатата година, Дњепропетровск оствари трговски суфицит од три милијарди долари, што укажува на високата развиеност на овој регион во полето на индустријата.(Ек.Р.) |