12.02.2013, 15:58 Потребна е платформа за женско претприемаштво
За развивање на женското претприемаштво во Македонија потребно е да се формира платформа, да се направи база на податоци за жени претприемачи, и да се развива свеста за зголемување на бројот на жени претприемачи во земјата. Ова се и целите на меѓународниот проект „Женско претприемаштво - Мотор за креирање нови работни места во ЈИЕ“, што го спроведуваат повеќе невладини организации од регионот.
Во Македонија нема точна бројка за жени претприемачи, но процените се дека таа е мал, додека во земјите на Југоисточна Европа од вкупниот број преприемачи, меѓу 15 и 30 отсто се жени.
Во Македонија, според истражувањата, ставот е дека жените додека се помлади треба да се грижат за децата, а не да се занимаваат со претприемаштво. „Ќе ги собереме сите актери и ќе ја формираме платформата по што ќе работиме на политичката клима, да развиеме свесност во државата за да ја зајакнеме економски нашата држава“, изјави Валентина Дисовска, од Здружение на бизнис-жени, на вчерашната прва работилница за формирање Платформа за женско претприемаштво во Македонија.
Проектот ќе се спроведува во девет земји, и тоа во Албанија, Босна и Хрецеговина, Црна Гора, Хрватска, Косово, Македонија, Молдавија, Србија и Турција.(Ек.Р.) |