14.02.2013, 14:49 За една недела нови 2.400 заболени од грип
Нови 2.400 случаи со симптоми на грип се пријавени во Институтот за јавно здравје во последната недела од сезонава, што во однос на претходната недела кога беа регистрирани 1.800 случаи, претставува зголемување за 10 проценти.
- Трендот на зголемување е присутен, но бројот на заболени е очекуван во оваа сезона, во којашто секогаш е присутен грипот. Она што се случува и во европските земји и кај нас е очекувано, изјави Благоја Алексовски, претставник на Институтот за јавно здравје.
Од вкупно 8.000 заболени од грип во сезонава, околу 80 проценти се заболени во последните три недели. - Во последната недела се 2.400, а во претходната недела 1.800, што значи дека трендот е зголемен, а се очекува да се зголемува и во наредниот период ќе имаме уште повеќе заболени, истакна Алексовски.
Најголем број заболени се регистрирани во Скопје, Тетово и во Куманово, а помал број во останатите градови. Веќе има зголемување на бројот на регистрирани случаи кај школската популација.
Голубинка Бошевска, ракодител на сектор во Институтот за јавно здравје, информира дека од 4 до 10 февруари во Институтот за јавно здравје се пристигнати 23 примероци за лабораториска анализа, од кои 14 (61 процент) се инфлуенца А и од тие примероци е изолиран H1N1.
- Од 135 случаи досега од почетокот на сезоната, 79 (89,8 проценти) се со инфлуенца А, што е исто како и во европските земји и светот од кои 82,1 процент е H1N1 односно 16,4 проценти H3N1. Се движиме во истите рамки како и земјите во Европа. Инфлуенца тип Б е застапен само со 10 проценти, изјави Бошевска. |