14.02.2013, 12:33 Оворена НОКИА лабораторија за мобилни технологии на ФИНКИ
На Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) денеска е отворена НОКИА лабораторија за мобилни технологии.
Станува збор за прва лабораторија од ваков вид на Балканот отворена од страна на една од водечките компании во областа на мобилните и информатичките технологии. Лабораторијата ќе им овозможи на студентите да бидат побиску до најнапредните технологии, а ќе имаат можност и да ги продаваат своите апликации.
Најдобрите и најкреативните апликации во зависност од комплицираноста и видот ќе добиваат грантови во висина од 20, 50 и 70 илјади евра. Вкупниот грант за Македонија изнесува 1,2 милиони евра.
Според министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, со оваа лабораторија ќе им се помогне на македонски��е студенти да бидат поблиску до светските технологии, а преку развивањето на апликациите ќе им се овозможи да бидат поконкуретни не само на домашниот, туку и на светскиот пазар.
- Пристапот што го нуди НОКИА на приватниот сектор и на студентите бесплатно да ги промовираат своите апликации е од огромна вредност. Лабораторијата ќе им овозможи на студентите и на приватниот сектор да користат бесплатно технологија којашто е многу скапа, истакна Ивановски.
Деканот на ФИНКИ Димитар Трајанов изрази надеж дека лабораторијата ќе биде поттик за студентите повеќе да се вклучат во развојот на апликациите, но и да може да ги продаваат истите.
- Покрај тоа што студентите учат за технологии како да ги развиваат апликациите, сега ќе имаат можност да научат и да имаат пристап и до ресурси коишто значат понатамошно маркетирање на апликацијата и нејзино продавање, рече Трајанов.
Претставниците на НОКИА и Мајкрософт изразија задоволство од соработката со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство. |