12.02.2013, 09:30 Иран ќе дозволи инспекција на воени бази
Иран најави дека барањето на Меѓународната агенција за атомска енергија за инспекција на воената база Парчин, во близина на Техеран е можно да биде прифатено, доколку бидат признати правата на земјата да ја развива својата нуклеарна програма.
- Подготвени сме да постигнеме сеопфатен договор со МААЕ, вклучувајќи го и признавањето на легитимните права на Иран, а во тој случај инспекцијата на Парчин ќе биде една од договорените работи, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Рамин Мехманпараст.
Тим од МААЕ, предводен од Херман Накаертс, ќе ги продолжи разговорите во Техеран утре со цел да добие одобрување за посета на базата Парчин, за која се тврди дека е локација на која се тестираат делови од нуклеарно оружје.
Иран тврди дека неговата нуклеарна програма има мирновременски цели, но Западот е загрижен дека Исламската Република всушност ја користи за производство на нуклеарно оружје. |