12.02.2013, 13:52 Кампања: Безбедна храна за сите возрасти
Повеќе градинки, основни и средни училишта, како и граѓани потрошувачи од сите возрасти од Гази Баба, Кисела Вода, Штип, Прилеп и Гостивар ќе бидат опфатени со кампањата за безбедна храна. Кампањата ќе трае две недели, а ја спроведува Агенцијата за храна и ветеринарство со 1,6 милиони денари финансиска поддршка од Јапонската агенција за меѓународна соработка „JICA“. Доколку се обезбедат дополнителни пари, активностите ќе се имплементираат и низ други општини.
„Активностите ќе се фокусираат на одржувањето лична хигиена, миење, чување и подготвување на храната, како и правилното читање на декларациите на производите и изборот во рестораните“, информираше директорот на Агенцијата за храна, Дејан Рунтевски, кој смета дека потребата од едукација на потрошувачите за консумирање храна никогаш не е доволна.
Старт��т на кампањата беше означен со потпишување Меморандум за соработка меѓу Агенцијата и Општина Гази Баба.
„Кампањата ќе ги едуцира и вработените во градинките и училиштата кои понатаму практично ќе го продолжат проектот преку секојдневното работење. Целта е да ја подигнеме свеста за правилна и поквалитетна исхрана на граѓаните од сите возрасти“, рече градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски. (Б.Ш.)
|