12.02.2013, 09:17 Трета нуклеарна проба на Северна Кореја
Остра реакција од цел свет на нуклеарните амбиции на Пјонгјанг. Пекинг е засрамен и молчи
СЕУЛ – Северна Кореја денеска спроведе трет нуклеарен тест и покрај Резолуциите на ОН, налутувајќи ги САД и Јапонија и поттикнувајќи го нејзиниот единствен голем сојузник Кина да апелира за смиреност. Северот соопшти дека тестот имал „поголема експлозивна сила“ отколку оние изведени во 2006 и 2009 година кои се сметаа за тестови од мал обем. Државната новинска агенција КЦНА објави дека била користена „минијатуризирана“ и полесна нуклеарна направа, навестувајќи уште еднаш дека употребиле плутониум кој е попогоден за употреба како боева глава на проектил.
Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун, трет во редот за наследување за да управува со земјата, надгледуваше две лансирања на ракети со долг дострел и нуклеарен тест за време на првата година од неговото владеење, туркајќи ги политиките што ја придвижија неговата осиромашена и недоволно нахранета земја поблизу до тоа да стане нукеларна сила.
Американскиот претседател Барак Обама го нарече тестот „многу провокативен акт“ што и штети на регионалната стабилност. „Опасноста од заканувачките активности на Северна Кореја оправдува дополнителна брза и уверлива акција од меѓународната заедница. САД, исто така, ќе продолжат да преземаат неопходни чекори за сопствена одбрана и одбрана на нашите сојузници“, изјави Обама.
Јапонскиот премиер Шинзо Абе изјави дека тестот е „сериозна закана“ што не може да се толерира. Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун изјави дека тестот е „јасна и сериозна повреда“ на резолуцииуте на Советот за безбедност на ОН. Русија „категорично го осудува“ нуклеарниот тест на Северна Кореја како непочитување на меѓународните обврски на Пјонгјанг, изјави извор од Министерството за надворешни работи.
Кина која покажа знаци на зголемена огорченост кон својот сосед, ги повтори апелите за „денуклеаризација“ на Корејскиот Полуостров и ја повика земјата која зависи од неа како и другите да реагираат смирено, притискајќи го Пјонгјанг да не ги заострува дополнително тензиите, нешто што Северот се закани дека ќе го стори во подготовките за тестот. „Ние жестоко апелираме до Северна Кореја да ги почитува совите не-нуклеарни обврски и да не презема дополнителни акции што би ја влошиле ситуацијата“, изјави тој во соопштението.
Јужна Кореја, која се' уште технички е во војна со Северот откако граѓанската војна која траеше од 1950 до 1953 година и заврши само со примирје, соопшти дека големината на сеизмичката активност индицира нуклеарна експлозија малку поголема од двете претходни тестирања на Северот со бомби од 6-7 килотони, иако тоа се' уше е релативно мала. Бомбата што беше фрлена над Хирошима беше тешка околу 20 килотони.
Тестот го поттикна Советот за безбедност на ОН да свика вонреден состанок подоцна во текот на вчерашниот ден. И покрај млакиот официјален одговор, голема е веројатноста дека тоа ќе биде голем срам за Пекинг, единствениот голем економски и дипломатски сојузник на Северот. „Тестот е голема навреда за Кина, која сега може да се очекува да ги спроведе до крај заканите за воведување на санкции“, изјави Марк Фицпатрик од Меѓународниот инситут за стратешки студии.
Северна Кореја ја објави најавата на државната телевизија во позадина со патриотска музика и националното знаме. И покрај трите нуклеарни тестови и тестовите на ракети со долг дострел, не постои верување дека Северна Кореја е близу до производство на нуклеарен проектил способен да погоди цел во САД. Јапонија веднаш побара дополнителни санкции против Северна Кореја, а јужнокорејското Министерство за одбрана соопшти дека не треба да се исклучат можности за изведување на дополнителни нуклеарни тестови и лансирања на ракети од Северот.
Кога новиот лидер Ким, сега на возраст од 30 години, ја презеде власта по смртта на татко му во декември 2011 година, имаше надежи дека тој ќе донесе реформи и крај на политиката „армијата пред се'“ на Ким Јонг-ил. Наместо тоа Северот, чијашто економија е помала од онаа што ја имаше пред 20 години и каде третина од децата се верува дека не се доволно исхранети, изгледа се фатени во циклусот на санкции проследени со дополнителни провокации.
„Колку повеќе Северна Кореја истрелува проектили, лансира сателити или спроведува нуклеарни тестирања, толку повеќе Советот за безбедност на ОН ќе наметнува нови и посериозни санкции“, изјави Шен Дингли, професор и експерт за регионална безбедност во Универзитетот Фудан во Шангај. „Тоа е безконечен, магичен круг“. (Ројтерс) |