14.02.2013, 10:05 Реми во мечот за паметење на „Бернабеу“
Велбек ги доведе гостите во водство, а израмни Роналдо, кој не се израдува на голот во знак на почит кон својот поранешен клуб
Кристијано Роналдо покажа дека е дораснат на најголемите предизвици со брилијантниот гол со глава за Реал Мадрид против неговиот поранешен клуб Манчестер јунајтед во првата средба од осмина финалето во Лигата на шампионите, која заврши 1:1. Следен од милионски аудиториум ширум светот, долго очекуваниот судир на „Бернабеу“ беше првиот настап на Португалецот против клубот во кој стекна светска слава пред да му се приклучи на Реал во 2009 година за рекордни 94 милиони евра. Мечот во Мадрид го обнови и ривалството меѓу тренерите Жозе Мурињо од Реал и Алекс Фергусон од Јунајтед, додека шпанскиот шампион атакува на својата десетта европска титула, која му бега од 2002 година, а лидерот во Премиер-лигата го брка четвртиот триумф во елитното европско клупско натпреварување. Гостите го издржаа налетот на Реал во почетокот од мечот и во 20. минута го организира својот прв напад, кога Дани Велбек со глава ја смести топката во мрежата покрај Диего Лопез по корнерот што го изведе Вејн Руни. Роналдо израмни по 10 минути кога го натскока Патрис Евра и го проследи нафрлувањето од Анхел ди Марија во аголот на противничкиот гол. Резултатот му дава на Јунајтед мала предност во возвратниот меч во Манчестер на 5 март, иако и двете страни ќе жалат за пропуштените шанси во второто полувреме, кои можеа да им го олеснат патот до четврт-финалето.
Мурињо изјави дека е убеден оти неговиот тим може да постигне повеќе од еден гол на „Олд Трафорд“ следниот месец.
„Вистина е дека тие имаа две големи шанси во второто полувреме, но не беа реализирани бидејќи ние ја водевме играта, а тие се бранеа и чекаа можност. Мислам дека сите карти се отворени за реваншот. Борбата ќе трае до последната минута“, смета поранешниот тренер на Челзи и на Интер. Роналдо, најдобар стрелец во Лигата на шампионите сезонава со седум гола во седум настапи, едвај и да го прослави својот погодок, објаснувајќи го тоа со долгот што го има кон Јунајтед, каде што се трансформира од кревок тинејџер во еден од најопасните напаѓачи во светот. „Таму играв шест години и чувствувам голема љубов за клубот, како што сите знаете. Јунајтед е многу силен во одбраната и ни создаде проблеми. Но, со шансите што ги имавме, можевме да постигнеме повеќе голови. Сите карти се отворени за пресметката на ’Олд Трафорд‘ и мислам дека имаме кпацитети и таму да постигнеме голови и да продолжиме понатаму“, изјави Роналдо за шпанскиот Канал плус. Двата клуба имаа прва европска пресметка по речиси една деценија, при што, покрај добрата игра на Роналдо, добра партија дадоа и играчите од нападот на Јунајтед, Робин ван Перси и Вејн Руни, како и реаловиот плејмејкер Месут Озил. Реал од самиот почеток го напаѓаше противничкиот гол, а гостинскиот голман Давид де Хеа го осуети напорот на Фабио Коентрао во 6. минута, додека несинхронизираниот Јунајтед мака мачеше да го задржи поседот на топката. Тие се' уште немаа ниту една шанса за гол, кога Велбек го измами Серхио Рамос и со ударот со глава од шеснаесетникот го постигна својот само втор гол во 28 натпревари.
Роналдо, кој доби овации и од двете навивачки групи пред почетокот, кратко време потоа успеа да измами воздишки од трибините по слободниот удар пред изедначувачкиот гол што ги восхити неговите фанови. Верните навивачи на Реал се гладни за успех во Лигата на шампионите, бидејќи се изјалови обидот на тимот за втора титула едноподруго во Ла Лига, каде што „кралевите“ се заглавени на третата позиција со 16 бода помалку од лутиот ривал Барселона. Реал беше многу поопасен во нападот, но ќе примеше и втор гол во 34. минута, кога Велбек за малку не успеа да го измами Лопез. Јунајтед го почна второто полувреме блескаво, но наскоро беше сопрен кога Реал го засили нападот во обид да постигне уште еден гол. Де Хеа, кој му се приклучи на Јунајтед од градскиот ривал на Реал, Атлетико Мадрид, повторно одбрани удар на Коентрао, кој се фрли за да ја зафати топката упатена кон голот со десната нога. Иако имаа мал процент на посед на топката, „црвените ѓаволи“ успеаја да изведат голем број опасни напади. Лопез не успеа да го реализира додавањето на Ван Перси во 72. минута, неколку минути пред холандскиот напаѓач да ја пропушти златната шанса за втор гол на Јунајтед. Тој ја контролираше топката, но не ја зафати добро со волеј и Чаби Алонсо успеа да расчисти. Во последните моменти од мечот одбраната на Јунајтед му ја одзеде топката на Роналдо во близина на голот и Лопез го спречи обидот на Ван Перси.
„Дојдовме на овој прекрасен стадион, но си рековме дека тоа е само уште еден натпревар“, изјави Велбек. „Дојдовме на овој меч онака како што секогаш правиме, а тоа е да се обидеме да победиме“.
|