10.02.2013, 15:40 Денвер го нанижа и Кливленд
Деветта победа во низа за Нагетси, кои славеа на гости со 111:103
Денвер со секој следен натпревар потенцира дека е извонредна комбинација на кошаркари која функционира и носи победи. Последната во серијата до девет ја оствари во саботата, во Кливленд со 111:103, при што осум од деветте кошаркари кои излегоа на теренот имаа двоцифрен број поени.
„Ќе се обидеме да го шокираме светот и да станеме првата екипа која ќе ја освои титулата без олстар-играч во своите редови“, изјави амбициозно Џорџ Карл, тренер на Нагетси. Не им треба ѕвезда за да ги умртвуваат противниците, потребна е само тимската хармонија. Против Кливленд, единствено Вилсон Чендлер беше „црна овца“ со седум поени, останатите броеја од 10 до 19. Најмногу Данило Галинари, а г�� следеше учесникот на турнирот за забивање, Кенет Фарид, со 17 коша. Кај Кавалирси, поразот не ја засени класата на Кајри Ирввинг, но самиот со 26 поени, шест скока и седум асистенции не можеше да го реши натпреварот. Со оваа победа Денвер се зацврсти на четвртото место на западот, дури и се закани на третопласираните Клиперси кои имаат само две победи повеќе и еден пораз помалку.
За разлика од Денвер, Голден Стејт „вози во погрешна насока“, надолу во поредокот на Западната конференција. Четвртиот пораз по ред Вориорси го доживеаја на паркетот на Далас, без да дадат посериозен отпор. Во конечните 116:91 најголем придонес имаше Шон Мерион со 26 поени и 11 скока. Стефан Кари беше најдобар кај поразените со 18 коша, додека потфрли Дејвид Ли. „Не ми пречи тоа што загубивме четири по ред, туку начинот на кој ги загубивме. Секоја екипа минува низ падови и подеми во текот на сезоната и затоа важно е да се соземеме што побргу“, изјави Ли, кој заврши само со 10 поени.
Во останатите три средби од саботната понуда Филаделфија го ограничи Шарлот на 76 поени, при тоа постигнувајќи 87, Деторит го победи Милвоки на гости со 105:100, а Сакраменто беше подобар од Јута со 120:109.
Џејмисон: Џордан може и на 50 години
Пред четири години, кога Мајкл Џордан беше прогласен за член на Куќата на славните, тој одржа говор велејќи им на присутните да не се чудат ако го видат на 50 години да одигра натпревар. Публиката се насмеа мислејќи дека тоа е шега, но Џордан ја задржа сериозноста. „Не се смеете, никогаш не велете никогаш. Знаете, границите, како и стравовите, често се илузија“, рече Џордан. На за помалку од една недела (17 февруари) тој ќе наполни 50 години и многумина се присетуваат на овие зборови. Антоан Џејмисон од ЛА Лејкерс смета дека не само што може да се случи Ем-Џеј да заигра туку кога излегол на паркетот сигурно би остварил двоцифрен број поени. „Не се сомневам дека во вистинска ситуација, со еден Леброн или Коби во Тимот, тој би можел да одигра 15-20 минути и би стигнал до минимум 10-11 поени. Сигурен сум во тоа, особено ако е во добра форма и добро ги превенира можните повреди“, изјави крилниот кошаркар на Лејкерси, кој самиот има просек од 8,1 поени за 20,5 поени по натпревар. На 17 февруари е закажан Олстар-натпреварот, но,очигледно, нивото на атракција може да продолжи и потоа, ако Џордан е сериозен во своите ветувања да заигра на НБА-натпревар како 50-годишник. |