06.02.2013, 21:39 (ФОТО) Македонија и даде „тројка“ на Данска
Со головите на Пандев, Ибраими и Новески уште во првото полувреме, нашата репрезентација убедливо го совлада поранешниот европски првак (3:0)
ФОТО: Петр Стојановски
Македонската фудбалска репрезентација на убедлив начин со 3:0 вечерва во Скопје оствари победа против селекцијата на Данска. Околу 5.000 гледачи присутни на „Националната Арена Филип Втори“ имаа можност да ги поздрават одличните акции на „црвено-жолтите“ кои на почетокот одиграа фуриозни 25 минути постигнувајќи три голови од четири шанси.
Иако овој натпревар имаше контролен карактер, сепак селекторот Чедомир Јаневски има причини да биде задоволен од прикажаното на неговите избраници, бидејќи секоја победа остварена против квалитетна репрезентација каква што е во моментов 23 на ФИФА листата, Данска значи и нови поени за мак-фудбалот.
Капитенот Горан Пандев во 8. минута со прецизен удар од десетина метри на додавање од Александар Лазовски прв ја погоди мрежата на данскиот голман Каспер Шмајхел.
Синот на легандарниот дански голман Петер Шмајхел во 16. минута по вторпат ја вадеше топката од својот гол по ударот на Агим Ибраими. Најдобриот македонски голман за 2012 година истрча половина терен и со прецизен удар од 20 метри ја доведе Македонија во водство со 2:0.
Адис Јаховиќ во 21. минута пропушти голема шанса за зголемување на 3:0, но тоа што не му успеа на македонскиот напаѓач, го стори нашиот дефанзивец Николче Новески во 24. минута кој со глава погоди за три голови позитива.
Данците безуспешно се обидоа во вториот дел да го ублажат поразот, а македонските фудбалери најчесто преку контра-напади се закануваа да постигнат четврти гол, но резултатот остана 3:0.
Јаневски во последните 20.минути ги направи дозволените шест измени давајќи им можност на потенцијалните кандидати за првиот состав да бидат директни учесници во победата на 80.та над 23.та репрезентација на ФИФА листата.
Вечерашната победа и формата на македонските фудбалери се добар предзнак пред продолжување на мундијалските квалификации во март против Белгија.
|